Македонија
20. December 2025 - 16:37

Експертска оценка на економијата 2025 - пораст на вработеноста и континуиран раст на просечната плата

Пораст на вработеноста со историски најниска стапка на невработеност во моментов од 12,5%, како и континуиран пораст на просечната плата која сега изнесува 45.000 денари. Вака експертите од полето пазар на труд ги оценуваат движењата во овој сектор за 2025 година.

Според нив останува проблемот со недостаток на зелени и дигитални вештини  што ја намалува конкурентноста на компаниите, а во однос на платите кај нас тие растеле побрзо од продуктивноста, што можело да претставува закана за подгревање на инфлацијата која е сериозна закана за животниот стандард.

„Компаниите треба и понатаму да продолжат да вложуваат во физички капитал, особено во нови технологии, со цел да бидат што е можно поконкурентни на глобалните пазари. Тука секако треба да се нагласи и се поголемата улога на вештачката интелигенција, како еден нов тренд во работењето, а не треба да се занемари и вложувањето во човечки капитал, бидејќи тој е највредниот ресурс кој што го има секоја компанија“, изјави  Димитар Николоски, универзитетски професор на Економски факултет Прилеп.

Како мала економија Македонија била под големо влијание на глобалните текови кои во моментов се неповолни нас.

„Се повеќе економската активност во развиените земји се пренасочува кон воената индустрија, а од друга страна има поголема резервираност во другите сектори од економијата. Тоа се рефлектира со намален износ на странските директни инвестиции кои го бележи оваа година, каде што особено се погодени текстилниот сектор и автомобилската индустрија“, додаде Николоски.

Од 1 јануари стапува на сила и новиот Закон за работно ангажирање на лица со цел да се надмине сезонскиот недостаток на квалификувана работна сила, но освен тоа требало државата да преземе и други мерки.

„Паметната специјализација на регионите, секој регион би можел да се специјализира во оние дејности каде што има најголема конкурентска предност во однос на другите региони, како и на глобалниот пазар. Во фаза на донесување е и законот за социјални претпријатија кој во голема мера би можел да ја надополни таа празнина за ангажирање и вработување на најранливите категории на граѓани“, потенцираше Николоски.

Следната година требало да се заузда и порастот на цените што во моментов многу ја намалува куповната моќ на граѓаните.