Фудбал
7. July 2016 - 11:01

ЕП 2016: Германија и Франција во битка за финале

Германија и Франција, во 21 часот на стадионот „Велодром“, во Марсеј, ќе го одиграат второто полуфинале на ЕУРО 2016, по кое ќе биде познат противникот на Португалија во финалето на 10.јули.
 
Германија, актуелен светски првак, ќе се обиде да избори пласман во своето седмо финале, додека Франција ќе се бори за трето учество во завршниот меч.
 
Двете репрезентации до полуфиналето стигнаа без пораз, во првата фаза забележаа по две победи Германија над Украина и Северна Ирска, Франција над Романија и Албанија и по едно реми против Полска, односно Швајцарија.
 
Во осминафиналето Германија ја мина Словачка, а Франција Република Ирска, додека во четвртфиналето домаќинот беше убедлив против Исланд, а Германија по пенал драмата ја мина Италија.
 
Светскиот првак има сериозни кадровски проблеми, односно во полуфиналето ќе настапи без тројца влијателни играчи: дефанзивецот Матс Хумелс поради жолти картони нема да може да игра, додека за Сами Кедира и Марио Гомез првенството е веќе завршено. Овие двајца се повредија на мечот со Италија.
 
„Во нашиот тим нема место за страв. Секако, Франција не стигна среќно до полуфиналето, туку затоа што поседува квалитет. Ги почитуваме, но јас сум оптимист дека ќе најдеме решение за нивната игра и покрај тоа што имаме проблеми со повредите. Мислам дека никогаш вака добро не сме биле покривени на сите позиции“, рекол напаѓачот на Германија, Томас Милер.
 
Од друга страна Дидие Дешам има идеална ситуација пред себе, нема повредени, ниту пак казнети играчи.
 
„Германија е најдобриот тим, тука нема место за сомнеж, иако тие имаа проблеми против Италија. Ние сме тука во полуфиналето и ќе дадеме се од себе против најдобриот светски тим“, рекол Дешам.
 
Германија има три европски титули, последната освоена во Англија во 1996 година, додека Франција има две, последната освоена со „златниот гол“ на Тресеге на ЕП во 200 година, во Холандија и Белгија.
 
Овие две репрезентации меѓусебе досега одиграле 27 натпревари, Франција победила 12, а Германија девет пати. На големите натпреварувања последен пат се сретнале на Мундијалот во Бразил, кога во четвртфиналето Германија победи со голот на Хумелс.
 
Последниот нивни дуел, на 13.ноември минатата година го обележаа терористичките напади во Париз во кој загинаа преку 100 лица. Тој натпревар заврши со победа на Франција од 2:0.
 
Веројатни состави:
 
Германија: Нојер – Кимих, Боатенг, Хеведес, Хектор – Швајнштајгер, Крос – Дракслер, Езил, Милер – Геце
 
Франција: Љорис – Сања, Умтити, Кошчелни, Евра – Погба, Матуиди, Сисоско, Паје – Гризман, Жиру.