Свет
4. March 2016 - 14:38

Еврокомисијата предлага враќање на шенгенските правила до декември

Европската комисија денеска претстави временска рамка според која до декември оваа година треба повторно да се воспостави целосно функционирање на правилата на Шенген зоната и да бидат отстранети внатрешните гранични контроли меѓуј земјите членки на ЕУ, воведени поради напливот на бегалци и имигранти од Африка и Блискиот Исток, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според временската рамка се очекува регулација на Даблинските реформи за азил во сите земји членки на ЕУ со цел до крајот на годината да се отстранат внатрешните гранични контроли, кои според проценките на Еврокомисиајта би ја чинеле ЕУ меѓу пет и 18 милијарди евра годишно.

Еврокомесарот за миграциски прашања Димитрис Аврамопулос денеска на прес-конференција во Брисел објави дека работите во однос на бегалската криза се движат брзо последните днеови, како на терен долж балканската рута, така и во Брисел.

Тој посочи дека повеќе од десет илјади лица се заглавени на границата меѓу Грција и Македонија и дека стотици нови продолжуваат да доаѓаат, па затоа е време за „брза и супстенцијална акција“.

- Европската комисија работи силно и одблиску со грчките власти и со УНХЦР, но и со другите земји членки на Унијата, за да се спроведе масовна релокација на бегалците и враќање, односно реадмисија на илегалните мигранти, истакна комесарот Аврамопулос.

Како што е познато, осум земји-членки на Шенген-зоната воведоа гранична контрола со цел спречување и регулација на напливот на бегалците и мигрантите. Токму затоа, ЕК презентираше временска рамка која со помош на новата Европска гранична и крајбрежна стража ќе го спрели напливот на олегални мигранти преку Егејското Море, со што до септември се очекува ЕУ целосно да може да ја менаџира надворешна граница.

Токму затоа, в понеделник Европската унија во Брисел ќе одржи Самит со Турција, за чија подготовка еврокомесарите Франс Тимерманс и Јоханес Хан се веќе во Анкара, а вчера во турскиот главен град престојуваше и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Според Аврамопулос, целта на Самитот ЕУ-Турција ќе биде да се спречи нерегулараната миграција и да започне итна и масовна реадмисија на мигрантите и борба против криумчарите со луѓе.

- Со зголемување на враќањето на илегални мигранти од Грција кон Турција, Акцискиот план ЕУ-Турција почнува да носи резултати. Потребно е драстично намалување на напливот од Турција , а за возврат ЕУ ќе остане посветена на поддршката на Турција, па затоа денеска имаме втор извештај за визната либерализација во кој има видлив напредок. Исто така, денеска префрливме 95 милиони евра кон Турција за проект за олеснување на приемот на бегалците и за хуманитарна и образовна помош во Турција, додаде Аврмопулос.

Еврокомесарот за миграциски прашања беше дециден дека в понеделник заедно со Турција, ЕУ ќе одлучи за масовна релокација на илегални мигранти во деновите и неделите што претстојат. Овој процес веќе започна, па првите 300 лица се веќе вратени во Турција, бидејќи нерегуларно биле во Европа.

- Пораката е јасна, а Доналд Туск тоа го кажа и вчера. Тие што доаѓаат во Европа и знаат дека тука се нелегално - нема да добијат „зелено светло“ за прием. Тие што не се регуларно тука ќе бидат враќани и затоа соработката со Турицја е повеќе од важна, посочи Аврамопулос.

Во однос на натрупувањето на нелегални мигранти на грчка територија кон Македонија, еврокомесарот Аврамопулос истакна дека сите соседни земји мора да соработуваат, како земјите од ЕУ меѓу себе, така и членките на ЕУ со соседните држави што не се членки на Унијата.

Тој нагласи дека иако Македонија не е членка на Унијата, согласно меѓународните договори таа мора да ги остави границите отворени за тие што имаат право на азил.

- Тоа е меѓународно право, а илегалните мигранти ќе бидат враќани. Пораката од Европа е јасна, нашите партнери во поширокиот регион на Западниот Балкан се запознати со нашите пораки, ги знаат и ова се земји што сакат да бидат идни членки на ЕУ. Тоа значи дека со време ќе мора своите политики да ги усогласат со оние на Европската унија, дециден е Аграмопулос.

Во име на ЕУ, еврокомесарот побара солидарност од останатите земји-членки на Унијата за прием на бегалците според квоите за прерасоределба и покрај одбивањето на голем дел од нив.

На прашањето колку мигранти треба Турција да прифати назад од Грција по итна постапка, Аврамопулос одговори дека „нема конкретни бројки, но дека е прашање на процедура што треба да се усвои со цел да се вратат сите луѓе што не се легално во Европа“.

- Од моментот кога ќе одлучиме и ќе го имплементираме, тоа повеќе нема да биде прашање на бројки, туку нормална процедура што ќе следи за бенефит на сите, истакна Аврамопулос.

Сите одлуки и предлози што ќе бидат донесени на претстојниот Самит ЕУ-Турција во Брисел, вклучително и временската рамка на Еврокомисијата за Шенгенскиот систем, сепак ќе треба да бидат потврдени на Самит на Европскиот совет што ќе се одржи на 18 и 19 овој месец.