Филипче обвинува за политичка хајка против него за скандалот на онкологија - Мизрахи тврди дека тој се правдал
Филипче обвинува дека властa го “мести” за скандалот онкологија за злоупотреба на биолошка терапија. Претседателот на СДСМ денеска покажа извештаи за шестмесечните работења на Клиниките и записи од стручни комисии додека бил министер. Тврди дека во негово време имало современи лекови за болните од рак и се водело евиденција. Документите ги добил од како што рече “чесни” вработени во министерството во здравство и ги негираше тврдењата на претседателката на анкетната комисија Рашела Мизрахи дека не се знаело што се случувало на онкологија и тој бил одговорен како министер.
- Очекувам итно да излезат и да се извинат на целата македонска јавност и до мене и Рашела Мизрахи и ВМРО-ДПМНЕ што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрнија моето име. Нема ништо позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поени и да се кријат докази од истражните органи, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Рашела Мизрахи не се извини туку на прес конференцијата на Филипче ја нарече бесрамна. Според неа тој излегол во јавност да се правда зошто бил заглавен до гуша за скандалот онкологија, но несмасно зошто додека бил министер непочитувал законски одредби.
- Господине Филипче треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо освен системски башибозук, рече Рашела Мизрахи, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Дали имало злоупотреба на скапа терапија и несоодветно лекување на болните од рак на Онкологија, обвинителството го чека вештачењето од Словенија на 51 медицинска историја од клиниката па ќе се изјаснат.
Во меѓувреме пациентите повторно останаа без биолошка терапија. После десетина дена откако јавно се алармираше дека нема 6 лекови министерот и директорот на Фондот и денеска уверуваат дека до крајот на неделата ќе бидат обезбедени .
- Токму сега доаѓам од состанок со директорот на Клиниката. Еден дел ќе бидат решени со донации кои ќе се реализираат во текот на неделата, бидејќи лековите се присутни и ги има на залиха во Македонија, дел ќе бидат со анекси на договорите и тоа го расчистуваме денеска и утре со јавните набавки. Така што, мислам дека критичните лекови ќе бидат многу брзо достапни, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
- Ние досега сме имале дури повеќе отколку минатите години биолошка терапија. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија, изјави Арбен Таравари, министер за здравство
Иако летото имаше најави, се уште не е ставен во функција онколошкиот оддел во ГОБ “8 септември”, кој треба да ги растерети огромните гужви на Клиниката. Кога тоа ќе се случи, Таравари одговори набрзо.
-
Алексанадр Динев
Сите содржини од овој новинар