Македонија
11. December 2025 - 16:42

Филипче повика на обединување против мигранти

Филипче ќе ја спасува Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и мигрантите. Лидерот на опозициската СДСМ ги повика на состанок политички партии, невладини организации, студенти и интелектуалци со кои заедно ќе ги утврдат следните чекори со кои како што вели ќе спречи српско сценарио во земјава.

На Филипче не му се доволни одговорите на премиерот Мицкоски дека нема да има мигранти во земјава, напротив тврди дека во јуни ќе има влез на вакви лица и поради тоа ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа неговата Резолуција и планира избори напролет, пред тие да дојдат. Сепак, лидерот на СДСМ одбегна да одговори на прашања на новинарите за стратегијата за спас на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска пак, со документи тврдат дека токму Филипче во 2018 година како минитер гласал за владина одлука за изградба на мигрантски камп во Бардовци.

-Филипче не е лидер, туку потрчко на Заев, едно дугме-политичар кој има единствена улога да го покрива и штити неговиот криминал. Тој е социопатски случај на лажго и манипулатор, додека штетата од неговото работење ја плаќаат сите граѓани.…во „Службен весник на Република Македонија“, на ден 26.01.2018 година, број 16, страна 189, точка 1.6, стои, цитирам: „Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.“

Ова е поминато на Влада и за тоа Венко Филипче гласал со две раце.

Овие мигранти кои тогаш Филипче сакал да ги прими, се истите тие мигранти кои сега прават проблеми во Европа. Да не беше притисокот од ВМРО-ДПМНЕ тогаш, денес ќе имаше мигранти во Македонија“

Мицкоски неколку пати до сега повтори дека ВМРО-ДПМНЕ има строга мигрантска политика. Вчера го зголеми и влогот велејќи дека доколку  Филипче најде и еден мигрант кој што дошол во Македонија, тој трајно ќе ја напушти политиката.

И министеротза надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски денеска повтори дека нема договори, преговори, квоти и центри за мигранти со Обединетото кралство.