Македонија
27. May 2020 - 15:19

Филипче со семејството на Емилија Динева: Органодарителството е највисок чин на човекољубие и хуманост

Министерот за здравство Венко Филипче денеска имал средба со семејството на Емилија Динева од Дојран, жената која почина од последици по сообраќајна несреќа и чие семејство се согласи нејзиното срце и бубрези да им бидат пресадени на тројца луѓе кои по операциите се во добра здравствена состојба. На средбата присуствувал и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, соопшти министерот Филипче на Фејсбук.

-На семејството им изразив најголема почит и благодарност за хуманоста која ја покажаа во нивните најтешки моменти. Тие дадоа надеж и шанса за живот на три семејства. Тие спасија три човечки животи. Поради нив, првпат во земјава се изведе трансплантација на срце, а два бубрега се трансплантираа кај двајца пациенти кои подолго време беа на дијализа. Пациентите се во добра и стабилна здравствена состојба. Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие и хуманост. Горд сум на ова семејство, напиша Филипче на својот фејсбук-профил.

Првата трансплантација на срце во нашата земја беше извршена кај 54-годишниот Иван Огненовски од Скопје, ноќта меѓу 22 и 23 мај. Шестчасовната операција ја направи тим од хирурзи од Државната кардиохирургија и од приватните болници Жан Митрев Клиник и Аџибадем Систина, предводен од д-р Сашко Јовев. Пациентот е стабилен, а во добра здравствена состојба се и двајцата пациенти на кои од починатиот донор им беа пресадени бубрези.