Македонија
2. March 2017 - 13:53

Филмот „Реквием за госпоѓа Ј“ на ФЕСТ во Србија

Играниот филм „Реквием за Госпоѓа Ј“ на режисерот Бојан Вулетиќ, кој својата светска премиера ја имаше на 67. Берлинaле и после целосно распродадени четири фестивалски проекции, двe маркет и една проекција за новинари, ќе биде прикажан на 45. Меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Србија.

Фестивалот се одржува од 24 февруари до 5 март, а филмот ќе се прикажува во рамки на програмата Српски филм, на 4 март во Сава Центар во 19 часот, на 5 март Сава Центар во 13.30 часот и Фонтана во 21 часот, a на 7 март во Центарот за култура „Влада Дивљан“ во19.30 часот.

После ФЕСТ, „Реквием за Госпоѓа Ј“ својот фестивалски пат го продолжува на 21. Интернационален филмски фестивал во Софија, кој ќе се одржи од 9 март до 19 март.

Филмот ќе се прикажува во главната натпреварувачка програма, со проекции закажани на 14 март во Дом на киното во 18.30 часот и на 15 март во 16.30 часот.

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и емотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, Госпоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е трудна, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никој. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.

Сценариото е на Бојан Вулетиќ, директор на фотографија е Јелена Станковиќ, сценограф е Зорана Петров, костимограф Лана Павловиќ, шминка Јасмина Лилиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Улогите ги толкуваат: Мирјана Карановиќ, Даница Неделковиќ, Мира Бањац, Јована Гавриловиќ, Срѓан Тодоровиќ и други. Продуцент е Ненад Дукиќ-СЕЕ Филм Про (Србија), ко-продуценти се Павлина Желева-Геополи Филм (Бугарија), Томи Салковски-Скопје Филм Студио (Македонија), Александер Родњански (Русија) и Алис Ормиерес-Surprise Alley (Франција).

Реализацијата на проектот беше помогната од Агенцијата за филм на Република Македонија, Српскиот филмски центар и Бугарскиот национален филмски центар, а подршка даде и Еуримаж-Европски копродукциски фонд на Европска унија