Македонија
29. November 2023 - 16:38

Формиран специјален штаб на МВР за потрага по 14-годишната Вања, трет ден откако исчезна во Скопје

Регионот се крена на нозе по исчезнувањето на 14 годишната Вања на која и се изгуби трагот во центарот на Скопје. Три дена нема информација ниту каде е ниту што се случи утрото во понеделникот откако таа излегла на пат кон училиште. Мајката Зорица за Сител вели постојано е во комуникација со полицијата а за потрагата е формиран посебен штаб во МВР. Се прегледуваат камери, социјални мрежи, телефони, се сослушуваат сите од кои може да излезе информација повеќе за исчезнувањето. Само во центар има околу 100 надзорни камери на улиците, а според она што е видливо на секој локар и фирма има камери кои снимаат во блиска околина.

Мајката на Вања се надева дека нејзината ќерка ќе биде пронајдена жива и ги отфрла сите шпекулации во јавноста во врска со случајот. Вчера МВР објави потерница по 14 годишното девојче а оваа информација се прошири на сите јазици широко во регионот.

Министерот Спасовски вели формиран е специјален штаб и соопшти дека се преземаат сите активности за пронаоѓање на девојчето.

Извршени се низа на активности, проверки и земање на изјави, разговор со семејството, итн..., се со цел да дојдеме до некаква првична информација. Интензивно работи посебен тим формиран од страна на СВР во Скопје. Апелирам до граѓаните навистина да ги добиваат информациите од МВР и на тој начин најмногу ќе се помогне да ја постигнеме целта.

Извори од истрагата за Сител велат дека во текот на вчерашниот ден, на 112 во различни временски интервали пристигнати се повици во кои се тврдело дека девојчето е забележано на различни локации во Скопје, но за ова нема официјална потврда и дали некоја од тие информации се релевантни.

Јавноста е на нозе, родители, соученици сите се вклучени да помогнат Вања да биде пронајдена. Залепени се и плакати по улиците со информации и фотографија од девојчето. На Вања Ѓорчевска и се губи трагата во Дебар Маало, во време кога е најраздвижено во строгиот центар на градот. Таа излегла од дома во 7-20 минути за да оди во училиштето Песталоци каде е ученичка во 9то одделение. Откако не се појавила на првиот час, класната ја информирала мајката а таа веднаш пријавила во полиција бидејќи нејзината ќерка била недостапна на мобилниот телефон. Според кажувањата на мајката, последен пат сигналот од телефонот на Вања  е лоциран на булевар Партизански одреди спроти универзалната сала.

Вања е висока 175цм, околу 58 кг тешка, со кафеава коса и кафеави очи, бемка на десната страна од лицето, носела протези на забите. Од дома излегла облечена во црни пантолони со странични џебови, син дуксер, кратка црна зимска јакна, бели патики најк со кафеави линии и со неа носела школски ранец и мобилен телефон ајфон