Македонија
19. March 2019 - 12:46

Фотоволтаични системи на три јавни објекти во Општина Маврово и Ростуше

Фотоволтаични системи како алтернативен извор за производство на електрична енергија се инсталирани на три објекти во Општина Маврово и Ростуше.

Вакви системи се инсталирани на ООУ „Блаже Конески“ во селото Скудриње, ООУ „Јосип Броз Тито“ во село Жировница и големата спортска сала „Македонија“ во Ростуше, како дел од Програмата за подобрување на инфраструктурата во руралните средини, поддржана од Европската Унија и имплементирана од Министерството за финансии, а администрирана од Светска банка.

-На овој начин општината ќе добие значајна заштеда на електрична енергија и директно ќе се намалат трошоците на општината. Истовремено, со овој проект ќе се зголеми и бројот на користени обновливи извори на енергија во Маврово и Ростуше со што, освен што ќе штедиме енергија, значајно ќе се придонесе и за заштита на животната средина и подобрување на условите за живот во општната. Ова е уште еден чекор повеќе за Општина Маврово и Ростуше, кога е во прашање енергетската ефикасност, велат од Општината.

Оттаму додаваат дека Маврово и Ростуше е една од 36 општини каде што е предвидено инсталирање на фотоволтаични системи на три јавни објекти.

Средства во висина 15,5 милиони евра државата доби од Европската Унија за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на Програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата, изнесува 20,667 милиони евра.