Македонија
30. April 2018 - 20:17

Фуере: Загрижувачки е за Македонија ако нема преговори со ЕУ годинава

Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија смета дека доколку Советот на ЕУ не одобри старт на преговори за земјата оваа година, тогаш следната е изгубена поради европските избори. Во интервју за МИА тој ги поздрави “огромните напори“ на Владата, но укажува и на слабостите.

Поранешниот амбасадор Фуере, кој сега работи како експерт во влијателен тинк тенк посветен на европските политики (ЦЕПС), неодамна објави мислење за последните извештаи за Западниот Балкан и стратегијата на проширување на Европската унија. Тој има голема надеж дека во јуни Советот на ЕУ ќе одобри старт на преговори со Македонија, дури и да не е до тогаш решен спорот со името.

- Ако Грција продолжи да одбива и покрај сите напори на македонската влада, сите гестови на добра волја и доверба, ако уште блокираат позитивна одлука за преговори, мислам дека тоа ќе покаже дека на Грција не и е при срце интересот на Западниот Балкан, вели Фуере.

Тој додава дека ЕУ има време до крајот на годинава да даде зелено светло.

- Ако нема позитивна одлука пред крајот на годината тогаш тоа значи дека нема да има преговори, затоа што идната година ќе биде изгубена, бидејќи ќе се обновува Европската комисија и ќе има избори за Европскиот парламент. Се надевам дека ќе се оствари пораката на Могерини во Македонија Европскиот совет во јуни да ја одобри препораката на ЕК. Во спротивно ќе биде негативно, позицијата на Владата ќе биде тешка, прецизира Фуере.

Поранешниот евроамбасадор ја поздравува работата на Владата во последните 11 месеци, но предупредува и дека треба да се фокусира на внатрешните реформи и нивната имплементација колку што е фокусирана и на поправањето на својот надворешен имиџ.

- Мислам дека малку премногу време поминаа на надворешниот имиџ, иако е разбирливо, пробуваат тоа да го подобрат, а не доволно време посветуваат на усвојување на реформите ина доказ дека се имплементираат. Да, има навистина напор да се осигураат дека нема да се повтори било што од негативните однесувања на претходната власт, вели поранешниот амбасадор.

Во интервјуто, што МИА целосно ќе го објави утре, Фуере говори и за законот за употреба на јазиците, и предупредува дека Владата мора самоиницијативно и најбрзо што може да го испрати законот до Венецијанската комисија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

- Жалам што не преземаа иницијатива да го испратат законот до Венецијансата комисија пред да се гласа во Собранието. Сметам дека тоа беше грешка. Сега законот е изгласан, но не стапува на сила затоа што Претседателот на го потпишува. Во меѓувреме законот треба да отиде до Венецијанската комисија. Комисијата има ургентни процедури кои можат да се искористат и какви препораки и да даде тие можат да бидат вклучени во законот и тоа би бил одличен одговор до оние во опозицијата кои тврдат дека законот е анти-македонски, посочува Фуере.

Поранешниот претставник на Унијата предупредува и дека Владата не треба да падне во искушение да оди на предвремени избори.