Ракомет
20. August 2015 - 11:25

Германскиот Суперкуп за Кил

Ракометарите на Кил го совладаа Фленсбург со 27:26 (12:14) и го освоија германскиот Суперкуп. Кил стигна до деветтиот трофеј во Суперкупот и воедно потврди дека е најголемиот фаворит за одбрана на титулата во Бундеслигата, чие 50-то издание ќе стартува викендов.
 
Кил до победата пред 6.000 гледачи во Штутгарт го предводеше поранешниот играч на Фленсбург, Штефан Вајнхолд, кој постига шест голови, вклучувајќи го и победничкиот постигнат на три секунди до крајот на мечот.
 
Покрај Вајнхолд, кај Кил се по четири гола мечот го завршија Марко Вујин, Јоан Канељас и Никлас Екберг.
 
Томас Могесен со седум гола беше најпрецизниот играч на Фленсбург и воопшто на натпреварот.
 
Инаку Фленсбург речиси во текот на сите 60 минути имаше контрола врз играта и резултатот, во 20-та минута нивната предност изнесуваше пет голови (12:7), но Кил во игра го врати новиот голман Никлас Ландин.
 
Во последните шест минути Фленсбург двапати имаше предност од два гола, која не успеја да ја сочува и трофејот од Суперкупот му припадна на Кил.