Свет
2. March 2017 - 15:53

Германско училиште им забрани молитви на учениците муслимани

Директорката на гимназијата „Јоханес Рау“ во германскиот град Вупеталер предизвика остри реакции меѓу муслиманското население во Германија, откако донесе одлука за забрана на верски обреди во училишните простории за учениците муслимани.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, директорката Кристијане Геншел ја донела забраната поради вознемиреноста на другите ученици. Со одлуката на директорката, се забранува и миењето на нозете на учениците муслимани во училишните тоалети.

Во писмената наредба на директорката на училиштето до наставниците се вели дека во сите простории се забранува секаков вид на јавни молитви, ритуални поврзани со молење и заземање на позиции на телото поврзано со молитва. На наставниците им се сугерира наредбата да ја спроведат на „пријателски начин“.

Според германскиот Устав, слободата на вероисповеста е гарантирана за сите граѓани, а во законите нема конкретна забрана за вршење молитва во училишта.

Наспроти уставните одредби, во 2011 Федералниот административен суд во Лајпциг пресуди дека учениците муслимани во едно училиште во Берлин не смеат да вршат молитви, затоа што со тоа „може да се наруши мирот во училиштето“.

Според Судот во Лајпциг, мирот во училиштето е поважен од индивидуалните права.