Македонија
30. December 2021 - 13:13

Ѓорѓиевски: За 60 дена дигитализиравме и објавивме 33 урбанистички планови, ревизија на 34

 Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го претстави првиот дел од проектот „Стоп за урбаната мафија“, којшто, како што објави, претставува вадење од фиока на сите важечки урбанистички планови и нивно транспарентно објавување на увид на граѓаните.

-Транспарентноста е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество. Во Општина Кисела Вода има точно 53 важечки урбанистички планови, а заклучно до моето преземање на функцијата градоначалник, на општинскиот ГИС портал беа објавени само 20. Во изминативе 60 дена, извадивме од фиока 33 урбанистички планови, ги дигитализиравме и јавно ги објавивме на веб-страницата на општината https://gis.kiselavoda.gov.mk/gis-preglednik/. ,изјави Ѓорѓиевски.

Информира дека од денеска сите граѓани на Кисела Вода можат да пристапат на веб-страницата на општината и да направат увид во секој план и во сопствената градежна парцела и да проверат што е предвидено да се гради на тоа место.

-Ве повикувам сите да направите увид во урбанистички планови и сите ваши забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели или делови од плановите да ни ги доставите во рок од 30 дена. Образецот на кој може да ги наведете вашите предлози е достапен на веб-страницата, како и во архивата на општината. Пополнетиот образец може да ни го доставите на емаил адресата revizijadup@kiselavoda.gov.mk, или во архивата во седиштето на општината. Сите поднесени барања ќе бидат разгледани од Комисијата за урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи, нагласи Ѓорѓиевски. Рокот за пријавување во Партиципативното тело истекува на 15 јануари 2022 година.

Градоначалникот Ѓорѓиевски соопшти дека во рамки на овој проект е почната ревизија на 34 плана кои беа во различни фази на донесување.

-Во предлогот на Деталниот урбанистички план за Градска Четврт Ј 20, блок 3 или План за дел од Црниче, се констатира дека околу чешмата „Света Петка“, кај народот позната како Балаклија, во зеленилото биле предвидени пет градежни парцели со намена станбени куќи со висина од 10.20 метри. Планот е стопиран градежните парцели во зеленилото се бришат, а по празниците ќе биде спроведена јавна презентација, а потоа и нова транспарентна јавна анкета на која граѓаните ќе можат да ги дадат своите забелешки и сугестии. Во Деталниот урбанистички план Ј 15, блок 4 или План за дел од Припор се констатира дека спротивно на Генералниот урбанистички план предвидени се станбени згради со А2 намена со огромни бруто развиени површини, а за сметка на нив на постојните куќи во Припор не им се дава можност за никаков развој. Како и Планот за Црниче, и овој План е стопиран и во Буџетот за 2022 година се предвидени средства за изработка на ДУП за цела населба Припор, изјави Ѓорѓиевски.

Тој потенцира дека е стопиран и планот за Расадник. Комисијата, како што рече, констатира дека има 99 нови згради, па согласно барањата на граѓаните, заклучно со февруари, ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП Расадник, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните на Расадник. По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален урбанистички план за Расадник.

Според него, Кисела Вода како општина, како што рече, „била прва на удар на градежната мафија, а претходната локална власт била дел од таа градежна мафија и била нејзина поддршка во општината“.

-Од денот на преземање на општината, увидовме многу грешки и неправилности во постапки на веќе реализирани проекти. Увидовме проекти каде што луѓе граделе без дозволи, само затоа што некому дале мито и резултатот на тие градби беше рушење. Ги срушивме и ќе продолжиме и понатаму да рушиме диви градби. Тие што давале мито, ги упатувавме да пријават во полиција ако сакаат да бараат некоја правда, бидејќи кај мене владеат само законите, изјави Ѓорѓиевски.