Градот Скопје и приватните превозници постигнаа договор
Градот Скопје и приватните автобуски превозници вчера постигнаа договор за надминување на неколкумесечниот спор. Претставници на приватните автобуски превозници информираа дека со постигнатиот договор заедно со новите јавни повици за автобуски превоз, ќе почне и исплатата на долгот што Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ го има кон нив. Град Скопје, пак, соопшти дека согласно договорот ќе распише нов јавен повик за приватните превозници, со што конечно се очекува нормализирање на јавниот превоз во главниот град.
Претставникот на новото координативно тело на приватните превозници, Јовица Зафировски, вчера информираше дека јавните повици за сите линии ќе бидат објават утре или најдоцна в понеделник.
- На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20 овој месец ќе почнеме со работа, изјави Зафировски, појаснувајќи дека ќе има три јавни повици, односно три пакети и ќе бидат опфатени сите линии, меѓутоа, со нова прераспределба.
Тој најави и дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска изразила подготвеност да ги субвенционира приватните превозници за замена на некои од застарените автобуси.
Градот Скопје потврди дека ќе распише нов повик за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз во главниот град, наспоменувајќи дека здруженијата на превозници „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да учествуваат на повикот поради пречките кои произлегуваат од раскинатиот договор, кој предвидува забрана за учество на јавен повик доколку договорот биде раскинат пред истекот и по нивна вина.
- Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање, како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз, се вели во соопштението на Град Скопје, каде што исто така се информира дека долгот на ЈСП „Скопје“ кон приватните превозници ќе биде исплатен согласно потпишаните договори додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз.
Спорот помеѓу Градот Скопје и приватните превозници започна во ноември минатата година кога превозниците од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ престанаа со вршење на своите услуги за превоз со образложение дека не им се исплатени договорените средства од страна на ЈСП и Градот.
Потоа следеше еднострано раскинување на договорите од страна на Град Скопје со образложение дека според договорот, ако превозниците не ја испорачуваат услугата, договорот автоматски се раскинува.
Како одговор на раскинувањето на договорот, приватните превозници кон крајот на ноември и почетокот на декември, неколку пати протестираа со блокирање со автобуси на неколку клучни крстосници во главниот град, како и во околината на канцелариите на Град Скопје, барајќи да им се подмири долгот, кој, според нив, изнесува преку 90 милиони денари.
Тие автобуските блокади ги отстранија на 12 декември, со надеж за средба со претставници на Владата за решавање на проблемот, откако премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да преговара со нив се додека траат блокадите.
Во меѓувреме, јавниот градски превоз се реализираше само со автобуси на ЈСП, а Градот Скопје објави два огласи за ангажирање на приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.
Настаните почнаа да се движат кон позитивен исход, откако кон крајот на јануари превозниците соопштија дека се дистанцираат од дотогашните раководства на „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ и дека формирале ново координативно тело, а градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во интервју за МИА изрази подготвеност за надминување на проблемот со превозниците и за изнаоѓање решение со нив.
На вчерашниот договор, со којшто се очекува конечно нормализирање на јавниот превоз во Скопје, претходеше средба на новото координативно тело со градоначалничката Арсовска на почетокот на февруари, каде што засегнатите страни успеаја да ги доближат ставовите за решавање на проблемите.
Ново на Сител
-
31 годишник бранејќи се од дива свиња се самозастрелал во штипско
-
Се пренасочува сообраќајот на магистрален пат Скопје – ГП Блаце
-
Американците се обложиле во 100 милиони долари на Трамп против Харис
-
СДСМ бара нула данок за основната храна, предлог кој го одбија лани од ВМРО-ДПМНЕ
-
Конференција 75 години НАТО
-
Опозицијата прифаќа да оди на предвремени избори, албанската коалиција на власт смета дека нема потреба од избори
-
Изборен ден во САД
-
Без струја дел од корисниците во општините Карпош, Сопиште, Кисела Вода и Ѓорче Петров