Македонија
6. November 2015 - 15:24

Груевски: Ќе победиме, Македонија е силна!

Премиерот Никола Груевски до граѓаните испрати порака дека Македонија е силна и не се предава.
 
-Овој народ е најдобриот одговор на сите оние сценаристи кои цврсто веруваат дека ќе не скршат, дека ќе ни ги исперат мозоците, дека ќе не прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи. Дека ќе не исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме, но вечерва го добиваат одговорот. Македонија не се предава! Македонија е силна, истакна Груевски на масовниот народен собир на 18-ти мај годинава.
 
-Им порачуваме, нема повлекување! Нема потегнување, нема предавање! Македонија е силна! Македонија е одлучна! Македонија пак победува! Ние победуваме! И нема да дозволиме нашиот народ до таа мера да се закрви, да меѓу себе се пресметува. Ова е нечесна игра кон Македонија, затоа ќе ја добиеме оваа битка.Нивниот експонент и инструмент, кој видовме како Струмица си ја направил свој пашалак, своја приватна фирма, своја крава молзница, кој покрај редовните ниски даноци, си вовел и сопствени лични даноци, за свое лично богатење. Нема да ја оствари својата цел. Овој човек не само што никогаш нема да биде премиер, тој никогаш нема да ја добие довербата на струмичани да биде нивни градоначалник. Поминаа неговите 5 минути и во Струмица и во Македонија. Никогаш Македонија нема да дозволи да и се случи Заев. Македонија никогаш нема да дозволи да и се случи да ја води човек кој гордо испраќа пораки кај претстедателите на други политички партии, во кои  соопштува дека не граѓаните на Македонија, туку некој однадвор ќе го донел на власт и ќе го направел премиер. И не се срами од тоа и не го негираше тоа. Македонија никогаш нема да дозволи да и се случи премиер кој бесрамно огромен број на тендери на општината каде е градоначалник, ги делел на роднините, браќата,  стрините, чичковците и братучедите  и по нешто на партиските функционери. Македонија никогаш нема да го довери буџетот на таков човек и на неговото раководство и најблиски следбеници кои накострешено чекаат овој човек да ги донесе на власт, со манипулации и со интриги и со поддршка на странски разoзнавачки служби. На Македонија не и е потребна политичка гарнитура, која свесно се става на располагање на странска разузнавачка служба, која си има своја сопствена цел, која очигледно не се совпаѓа со нашите политики. Македонија никогаш нема да дозволи да има премиер кој јавно и отворено ќе бара од сопствениот народ да си ја виткал кичмата, туку ќе се бори и ќе бара начини за достоинствено решение на проблемите со кои се соочува, рече Груевски пред десетици илјади граѓани на народниот собир.
Груевски постојано говори дека во Македонија главните одлуки ги носи народот, а тоа го порача и вчера откако беше јасно дека предвремени парламентарни избори ќе има во април следната година.
 
Порача дека никој не може да побегне од народот бидејќи токму народот е тој кој одлучува во оваа држава.