Бизнис
19. March 2016 - 20:08

Груевски: Најниските даноци ќе донесат нови странски инвестиции

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва беше гостин во дневникот на Сител.
 
Тој говореше за тоа дека Македонија има најниски даноци на планетата, според најрелевантни институции. Тие извештаи кои се позитивни за Македонија, се користат за време на владините роуд шоуа, на презентациите на Македонија како земја со одлична бизнис клима, на средби и состаноци.
 
Следниов период се очекува неколку странски компании да ја објават својата одлука за инвестирање во Македонија.
 
-Ние постојано сме во контакт со огромен број на компании.  Деновиве ќе биде најавена нова инвестиција на компанија од автомобилска индустрија. Станува збор за голема компанија која веќе инвестираше во Македонија и донесе интерна одлука да инвестира во Македонија. Информиран сум дека ќе се објави одлука за нивно инвестирање во втор капацитет. За почеток ќе отворат 400 работни места, а потоа за неколку години и до 1000, рече Груевски.
 
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ откри дека има голем интерес од инвеститорите за локацијата на поранешно ЕМО.
 
– Таму има најмалку 3 заинтересирани компании од различни индустрии и држави. Се надевам наскоро ќе дојде до инвестиција во ЕМО. Има и  повеќе странски компании, но тие ќе ја објават одлуката. Имаме софтверска компанија пред објавување на одлука за инвестирање, за почеток 200 вработувања главно ИТ инжинери, а потоа можеби дуплирање на оваа бројка, рече Груевски.
 
Тој вели дека како земја со политиката која ја прави оваа Влада имаме што да понудиме на инвеститорите. Најниските даноци на планетата се само еден од одличните услови за бизнис кои ги има Македонија.
 
-Ова што го објави реномираниот Бизнис инсајдер е нешто што подолго време го има Република Македонија, но како да не ни веруваа домашните на сето ова. Стапката од 7,4 е најниска во светот или на планетата како што велат во Бизнис инсајдер, а тоа е одлично затоа што многу компании ќе го видат тоа, компании кои размислуваат за нова локација, па ќе видат дека не само најниски даноци, имаме најниски трошоци, вложуваме во образование, имаме слободни економски зони со помали даноци и редица други работи ги нуди Република Македонија. Тоа е и нешто што заголицнува да се видат и други вредности и бенефиции кои ги дава Македонија, но она за мене што е најважно од се е тоа што низ годиниве политиката на ниски даноци ни даде резултати на економските полиња, истакна тој.
 
Груевски вели дека освен што огромен број на компании беа привлечени да инвестираат во Македонија, беа охрабрени за инвестирање и домашните македонски компании.