Груевски не се чувствува виновен за „Траекторија“
Екс-премиерот Груевски ја отфрли вината за предметот Траекторија на Специјалното обвинителство. Вина не чувствуваат ниту поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт Миле Јанакиевски и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски. Сите тие тврдат дека изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид е спроведена според закон.
Груевски пред судот рече дека единствен мотив на Владата предовдена од ВМРО-ДПМНЕ бил успехот на Македонија и брза и квалитетна изградба на инфраструктурата. Обвини дека овој судски процес е покренат за да му се нанесе штета него и на неговата партија, со цел СДСМ да може да прави што сака со Македонија.
Главната теза на Специјалното обвинителство е дека при изборот на компанија за изградба на автопатиштата, обвинетите го заобиколиле законот за јавни набавки, не ја избрале најниската понуда и со тоа го оштетите буџетот за повеќе од 150 милиони евра. Според адвокатите пак доказ дека постапака е законска е фактот што новиот собраниски состав не побара поништување на договорот, туку потпиша Анекс и продолжи да ги гради автопатиштата.
Следното рочиште закажано за 20 март, наместо со исказ на сведоци, ќе продолжи со слушање на 315-те телефонски разговори и смс пораки со кои Специјалното обвинителство ќе го докажува обвинението. Судот денеска ги одби барањата на обвинетите, овие докази да не бидат дел од постапката.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар