Македонија
31. December 2015 - 12:34

Груевски: Опозицијата да се придржува кон обврските, на народот му е преку глава од конфликтности

Премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање ја повика опозицијата да се придржува кон преземените обврски и да го потврди своето учество на изборите затоа што граѓаните не сакаат повеќе конфликти и судири.

- Во овие празнични денови, посакувајќи им и на опозицијата добро здравје и среќа во семејствата во претстојната 2016-та година, сакам да ги повикам да не бегаат од народот и достоинствено да го потврдат своето учество на изборите и да се придржуваат кон преземените обврски, затоа што на народот му е преку глава од натегања, конфликтности и судири. Народот од нас бара решенија за нивните секојдневни проблеми, вели Груевски.

Тој додава дека изборите во април ќе бидат фер и демократски и дека сите треба да направат максимум тоа да биде така.

- Реформираниот закон за избори за првпат ќе биде применет. Тој, помеѓу останатото, предвидува, отсега па на сите наредни парламентарни избори, премиерот ако повторно излегува на изборите,  да се повлече од функцијата, во еден кус временски период пред изборите, со цел да се осигура дека со тоа што нема да е во извршната функција, нема да има некаква предност во добивањето на довербата на гласачите. Јас прв ја поддржувам оваа реформа, затоа што верувам во својот народ, и не сакам да дозволам алиби на кого било за да избега од соочувањето со народот, нагласува премиерот Груевски во новогодишното обраќање до јавноста.