Македонија
24. January 2016 - 18:02

Груевски: СДСМ да гледа и да учи како се работи за добротo на народот

Изградба на нова, втора фабрика на произведителот на автобуси на белгискиот Ван Хул, потпишување договор со Џонсон Контролс за нова фабрика во Стумица, како и отворање нова, втора фабрика на Технохозе, најави денеска лидерот на владејачката партија Никола Груевски во обраќањето на 16. Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Наскоро, нагласи Груевски, ќе бидат објавени и два нови германски инвеститора, како и компанија за производство на софтвер која ќе ангажира најмалку 200 луѓе.

Тој и порача на опозициската СДСМ, да гледа и да учи како се работи од која било позиција, најавувајќи уште поголема активност од сегашната функција - лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

 - Гледајте и учете што е одговорно однесување кон својот народ и ветувањата кои си му ги дал, гледајте и учете како со работа, труд, искрен пристап и резултати, народот кога гледа дека работиш од срце и душа, ти ги простува и грешките и пропустите и ти ја дава довербата повторно, гледајте и учете како  убедливо се добива 10тата победа по ред на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, истакна Груевски.

Според него, новата фабрика на Ван Хул ќе вработи 500 лица, а новиот капацитет на Џонсон Контролс ќе отворат 1.500 работни места.

- Ќе ме гледате многу брзо на почетокот на изградбата на новата,втора фабрика на произведителот на автобуси на белгискиот Ван Хул, кого го донесовме во Македонија, и кој заради добрите услови за правење бизнис кои ги ветивме и создадовме, одлучи да изгради уште една нова фабрика и да вработи нови 500 луѓе, кои сега немаат работа. Ќе ме гледате и на потпишувањето на договорот со американскиот гигант Џонсон Контролс за градба на нова фабрика во Стумица каде ќе се отворат нови 1.500 работни места за луѓе кои сега се невработени, инвестиција која ја најавив летово, а неодамна компанијата ја потврди и објави одлука за инвестирање во Македонија, потенцира Груевски.

Тој ќе присуствува, нагласи, и на скорешното отворање втора фабрика на Технохозе во која ќе се вработат најмалку 100 лица.

Едната од двете нови германски инвеститори што ги најави, ќе биде, како што посочи, во помал град во југозападниот дел на Македонија каде ќе се вработат само за почеток 150 лица, а другата ќе биде во делот на машинската индустрија со најмалку 60 невработени главно инженери.

- Ќе чуете од мене и за резултатот од мојот и на мојот тим од ВМРО ДПМНЕ, напор за донесување нова компанија за производство на софтвер која ќе ангажира најмалку 200 луѓе, ќе ме гледате и ќе ме слушате уште на многу места, прилики, настани... и ќе ме гледате повеќе одколку во минатото, бидејќи полни со омрза кон мене, сакајќи да ме тргнете, ме ослободивте од многу административни, куртуазни и формални обврски за кои како премиер морав да посветам време, а сега не морам. Гледајте и учете како се работи за Македонија, независно на која позиција си, порача Груевски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ паралелно ќе одржува низа состаноци за, како што истакна Груевски, подобро и поефикасно спроведување на проектите важни за граѓаните, како што е „Купи куќа за млади“, каде младите до 35 години добиваат неповторлива можност да дојдат до своја куќа под поволни услови, кои не се нудат во ниту една земја во светот и каде и оние кои имаат помал стан или куќа можат да ги продадат и изградат нова поголема куќа.

Наскоро, додаде Груевски, ќе биде отворен и ПЕТ центарот, проект што исто така му беше ветен на народот пред изборите.