Македонија
25. October 2019 - 17:54

Холандскиот парламент ќе го ратификува протоколот за НАТО на 12. ноември

До декември и Холандија ќе се најде на списокот земји кои го ратификуваа протоколот за членство на Македонија во НАТО. Дебатата во холандскиот Сенат е закажана за петти ноември, а се очекува протоколот да биде ратификуван на 12 ти истиот месец. По две недели документот треба да го потпише и кралот на Холандија, со што ќе се заокружи целата процедура.

При крај со ратификацијата е и Франција, каде потоколот треба да го усвои Националното собрание. Од француската амбасада најавија дека тоа би требало да случи до крајот на ноември или евентуално на почетокот на декември.

Сепак, поради состојбата во Шпанија, е малку веројатно Македонија во декември во Лондон да влезе во Алијансата на голема врата. Двата дома на шпанскиот парламент се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември така што не се знае кога би профукционирал новиот пратенички состав. 

Во меѓувреме Македонија го има своето столче во Алијансата. На заедничкиот состанок на Северноатлантскиот совет, посветен на операциите и мисиите на Алијансата вчера и денеска учествува и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која вели дека Македонија е целосно посветена на вредностите на Алијансата, како и на учеството во мисии и операции. 

Шекеринска имаше и билатерална средба со грчкиот колега Грција, Никос Панагиотопулос.

Двајцата министри го поздравија спроведувањето на мисијата „Air policing“ од страна на грчкото воздухопловство, за што началниците на Генералштабовите на армиите минатиот месец потпишаа и Технички аранжман.