Балкан
6. February 2018 - 9:12

Хрватска ќе ја претстави својата замисла за интегрирањето на Балканот во ЕУ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Стразбур треба да се обрати пред Европскиот парламент каде ќе ја претстави хрватската визија за проширувањето на Европската унија кон Балканот.

Пленковиќ ќе говори паралелно со претставувањето на стратегискиот документ за проширувањето кон Балканот на Европската комисија. 

Тој ќе се осврне на потребата да се надминат прашањата заостанати од балканските војни и на потребата да се обрне внимание на интеграциите на Босна и Херцеговина.

- Земајќи го предвид тешкиот пат што таа земја го помина во стекнувањето на својата независност и специфичната улога што притоа ја одигра меѓународната заедница, потребно е да се воспостави заштита на рамноправноста на сите три конститутивни народи, што не е возможно без менување на босанското изборно законодавство, пишува во писмото што Пленковиќ го испрати до претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Хрватска подолго време бара поголеми права за хрватската заедница во Босна, а од Србија бара чекори кои ќе водат кон повоено помирување. 

Се очекува Пленковиќ да најави дека за време на хрватското претседавање со Европскиот совет, во првата половина на 2020 година, ќе се стави особен акцент на проширувањето кон Балканот.