Македонија
16. January 2025 - 16:57

ИЈЗ: За една недела трипати повеќе болни од грип

За три пати е зголемен бројот на болни од грип за една недела. Во Институтот за јавно здравје претходната седмица пријавени се 1053 случаи. Со ова Македонија влегува во сезоната на грип. Лабораториските анализи покажуваат дека доминира вирусот од типот А. Најголем број заболени регистрирани се во Скопје, Дебар, Куманово... на возраст од 15 до 64 години, а една третина од вкупниот број се деца. 

- Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност за прв пат оваа сезона, се вели во епидемиолошкиот коментар од ИЈЗ. 

Од Комисијата за заразни болести велат дека очекувано е да има зголемување на бројот на болни од грип периодов.

- Не е ништо алармантно, со оглед дека очекуваме бројките да растат до втората половина на февруари кога се очекува и пикот на вирусот и на грип и на сите респираторни инфекции. И не очекуваме барем овој период да имаме зголемен број на пациенти во болниците со грип, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, од Комисијата за заразни болести.

Од КЗБ сметаат дека засега нема потреба од дополнителни мерки за заштита од грип и останати респираторни инфекции.

- Во моментот нема потреба од дополнителни мерки. Остануваме на тоа да се почитува куќниот ред во здравствените установи за посета на пациенти за да се намали трансмисијата на вирусите во болничките установи каде веќе има хоспитализирано пациенти, додаде д-р Мехмедовиќ.

Според извештаите на ИЈЗ оваа сезона не се регистрирани починати лица поради компликации од грип.