Има желба за разговори и консензус, но нема поместувања во однос на разликите за датумот за избори
На два дена по лидерската средба и на 10 дена до истекувањето на последната, четиринаесетдневна вонредна состојба поради коронавирусот, разликите помеѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на терминот за одржување на парламентарните избори остануваат исти.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев смета дека до завршување на вонредната состојба има простор за разговори за датум за избори, а доколку нема договор, вели тој, изборите ќе се одржат согласно законските рокови, а тоа значи на 21 јуни. Среќа на изборите доколку реши да оди тогаш на избори на СДСМ и посака лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во телевизиско интервју без да прецизира дали во таков случај неговата партија ќе учествува на тие избори. И тој вели дека има простор за договор и за консензус.
Додека најголемите политички партии од македонскиот блок тактизираат и јавно си разменуваат ставови за датумот на избори, Европската Комисија (ЕК) информира дека одблиску ги следи разговорите помеѓу политичките партии.
– Од блиску ги следиме разговорите во Скопје помеѓу политичките лидери. Разговорите треба да продолжат за земјата да може да организира избори и да се справи целосно со последиците од кризата со Ковид-19, рече портпаролката на Европската Комисија за проширувањето, Ана Писонеро.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пак вчера попладне пред Комисијата за надворешни работи на ЕП потврди дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западен Балкан се одлагаат за септември, но не и преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.
-Работиме деноноќно со Ковид-19 и со оглед на тоа дека е тешко да се предвиди каква ќе биде економската состојба, исто е тешко да се види како ќе се испорачаат реформите, затоа што, се разбира, Ковид-19 ја кочи работата. Сакаме да излеземе со суштински извештај, добар извештај кој ќе даде проценка за напредокот. Мојот фокус сега е повеќе на преговарачките рамки за двете земји, Северна Македонија и Албанија. И тоа што можам да го кажам е дека овие ќе бидат објавени во јуни. И мислам дека ова е клучен дел за да го задржиме моментот што се создаде, изјави Вархеји пред европратениците.
Во однос на преговарачките рамки, тој посочи дека тие ќе бидат придружени од проценка за реформскиот напредок.
И Заев и Мицкоски сметаат дека се победници на парламентарните избори, кога и да се случат
Лидерот на СДСМ Заев вчера го повтори ставот изнесен на лидерската средба дека избори треба да има на 21 јуни, но сепак остави простор за разговори со опозицијата за датум за предвремени парламентарни избори се до завршувањето на вонредната состојба во следните седум до десет дена, но доколку не се изнајде решение, рече тој, потоа ќе мора да се почитуваат уставните одредби и законските рокови и да се оди на избори, на коишто тој е убеден дека ќе победи.
-Сакаме да бидеме флексибилни. Сакаме да учествува опозицијата. Номиниравме дека не сме врзани за 21 јуни, сакаме во овој период на првиот бран на паѓање на кризата да излеземе на изборите. сакаме дијаог, сакаме договор, но ако нема договор не можеме со сила ние да натераме и другите страни да постигнат договор односно да одат на избори. На крајот сите поднеле листи и се кандидати на изборите, и изборите треба да се одржат не заради тоа што ние дод СДСМ сме седнале и мислиме дека треба да има избори, туку заради тоа што законот тоа го пропишува, Уредбата со законска сила и Изборниот закон, рече Заев на прес-конференција.
Според него, бојкот на изборите не може да има бидејќи кандидатските листи веќе се прифатени, а се изврши и жребувањето, а прашање е дали некој ќе бојкотира кампања.
Според него, на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски за терминот 21 јуни СДСМ добиле поддршка од ДУИ, од ДПА и од БЕСА. Алијансата на Албанците и Алтернатива предложиле избори на 26 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ 23 август, 30 август и 6 септември, но поради продолжениот викенд, бил предложен 13 септември.
Лидерот на СДСМ рече дека не е добро да има избори на крајот на август или почетокот од септември поради можноста за следен пик од коронавирусот и притоа посочи на извештаите на Комисијата за заразни болести и на СЗО, како и на изборите кои ќе се одржат во соседните земји како Србија, а потоа и Хрватска. Заев повтори дека не би сакал со одлагање на изборите за август или септември, па дури и декември, земјата да се доведе во ситуација на нова политичка криза.
-Нема да дозволиме незаконско и неуставно одложување на изборите, затоа што кој било граѓанин во државата да достави една претставка до Уствниот суд ќе ги урниса резултатите од изборите, рече лидерот на СДСМ.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат да ги одолговлекуваат изборите бидејќи се плашат од изборен пораз.
– Изборите тие ќе ги изгубат не поради Заев, туку поради сопствената политика и неквалитетни кадри. Знам што е, стравот, сега се бега од изборите. Анкети сите соопштуваме, ги читаме податоците и знаеме дека опозицијата ќе губи. Не заради Заев или не заради некој друг, туку заради неодговорното однесување во последните три години, заради немање квалитетна понуда, заради арогатниот однос кој го има спрема новинарите и граѓаните и слично, заради кадровската понуда и потенцијал. Граѓаните знаат се, рече Заев.
Во однос на Државната изборна комисија и ставот на нејзиниот претседател за Избирачкиот список, лидерот на СДСМ истакна дека ја поздравува работата на Комисијата која секогаш носела одлуки со консензус, и побара секој да го почитува законот. Заев потсети дека за Избирачкиот список веќе е донесена одлуката, одговарајќи на новинарско прашање што доколку дел од членовите на ДИК не го потпишат ИС и покажувајќи го заклучокот на ДИК по донесувањето на Уредбата со законска сила од страна на Владата за прекинување на изборните дејства. Укажа повторно на членот 43 став 6 од Изборниот законик и вметнувањето на лицата со наполнети 18 години до денот на изборите.
– Должност е на ДИК, по службена должност тој список да го потпише и да го објави, по закон е така, законот јасно пропишува какви се пеналите. Само очекувам сите да го почитуваме законот, не би сакал некого да го иритирам, ниту да го навредам. Не би сакал ова да звучи заканувачки, рече Заев.
Во телевизиско интервју на Сител и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски остави простор за дијалог и за консензус, посочувајќи дека се потребни уште средби на лидерите, но оти на нив тие треба да придржуваат до двата принципи – консензус и здравјето на граѓаните. Сепак тој остана на ставот дека ВМРО-ДПМНЕ смета оти врз основа на сите оние информации што ги добиваат, месеците што ги предложиле односно крајот на месец август или почеток на септември е доволен период да може навистина да се стави ситуацијата во контрола.
-Во исто време ќе дозволиме Комисијата за заразни болести да изготват протоколи кои ќе значат заштита на здравје на учесниците во изборниот процес, истакна Мицкоски и повторно ги повика лидерите на партии да се престане „со лицитацијата на можни датуми за избори, бидејќи заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде приоритет“.
Мицкоски истакна дека само денеска во земјава има 22 нови случаи со коронавирус и двајца починати.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е потребно оваа пандемија добро да биде менаџирана како тоа што го прават земјите од соседниот регион и според него оваа влада менаџирана од СДСМ не знае и нема капацитет да ја менаџира кризата поврзана со корона вирусот.
Според него, брзите избори какви што бара СДСМ, нема да бидат фер ниту демократски, бидејќи СДСМ сака избори каде нема да се зборува за понуда и програма.
Во однос на Уредбата со законска сила на техничката влада со која беа одложени парламентарните избори поради коронакризата, а кои беа закажани за 12 април, Мицкоски рече дека таа ги нема легитимитетот и кредибилитетот на опозицијата.
– Она што го споменува Зоран Заев е спротивно на вистинското и на правното толкување на изборните активности, бидејќи тој се повикува на таканаречената Уредба со сила на закон која ја донесе оваа техничка влада. Таа Уредба, ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дознавме неколку минути пред таа да биде ставена на седница на влада. Јас тогаш имав интервенции и телефонски разговарав со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со вицепремиерот Бујар Османи. Разговаравме за текстот, посебно за членот 5, првата реченица којашто вели дека изборните активности се сопираат и продолжуваат веднаш по укинувањето на вонредната состојба. Веќе во членот 6 се дообјаснува, каде што вели дека Државната изборна комисија е таа којашто треба да изготви, еден ден откако ќе заврши вонредната состојба, нов роковник за одржување на изборните активности. Јас тогаш ги предупредив дека на овој начин ќе се создаде некоја фрикција политичка која понатаму и ќе создава проблеми. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев не ја поддржа Уредбата. Уредбата ги нема легитимитетот и кредибилитетот на опозицијата, вели Мицковски.
И Мицкоски како и Заев е убеден дека ќе победи на изборите, кога и да се случат.
– ВМРО-ДПМНЕ не се плаши. ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе го порази СДСМ, рече Мицкоски.
Комисијата за заразни болести не е надлежна да кажува кога да се одржат изборите
Комисијата за заразни болести не е надлежна да кажува кога треба да се одржат изборите, туку само да изработи здравствен протокол во однос на нивната имплементација.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција вчера кажа дека претседателот на државата, Стево Пендаровски побарал од Комисијата да го изработи здравствениот протокол, која веќе го има завршено. Лидерите на партиите, како што рече, се тие кои треба да одлучат за датумот на нивното спроведување.
– Во однос на тајмингот на изборите ние не сме надлежни тоа да го кажеме заради тоа што изборите имаат повеќе аспекти. Ова што се побара од нас беа само да се изработат некои здравствени аспекти во смисла на имплементација на протоколи, меѓутоа има и многу други аспекти на изборите како правните, економските импликации, нешто во смисла на демократските процеси во земјата е на лидерите да одлучат кога треба да се случат. Во таа смисла ние нашата работа на барање на претседателот ја завршивме, рече Филипче во одговор на прашање.
Во протоколот се ставени повеќе работи во однос на спроведување на изборниот процес, но појасни дека смета оти епидемијата сега е повеќе под контрола, а ризикот може да биде зголемен во период што следи.
Ново на Сител
-
Почна со работа Комисијата за правична застапеност во Собранието
-
Владата и банките во недела на преговори
-
Имотен лист на вашиот е-мејл за 10 секунди?
-
Тутунарите со свои очекувања
-
Борисов предложи коалиција за Влада - Парламентот не успеа да избере претседател
-
Загадениот воздух - Хроничен зимски проблем
-
Владата е свесна за проблемите со загадениот воздух
-
ВМРО-ДПМНЕ: Фалат 200,000 евра на Детска клиника