Инсталација „Чекајќи го Годо“ како иронија на македонското чекање пред портите на ЕУ
Во центарот на Скопје е поставена инсталацијата „Чекајќи го Годо“, која е посветена на односот на Европската Унија кон Македонија. Оваа активност е дел од проектот Артиватор на Центарот за современи уметности.
Од Центарот велат дека инспирацијата за оваа акција доаѓа од сличноста на состојбите во драмата „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет и Евроинтеграцискиот процес на Македонија.
– Иако на прв поглед може да звучи несериозно, смешно и апсурдно, сепак постојат огромни сличности помеѓу двете дејствија, она во драмата на Бекет и она во државата Македонија на нејзиниот пат на евроинтеграциите. Еднакво како што Владимир и Естрагон (главните ликови во драмата на Бекет) со часови и денови го чекаат Годо да дојде и да им ги разјасни дилемите и да им ги реши проблемите, така и Македонија го чека почетокот на преговорите, датумот за преговорите, меѓувладината конференција и што уште не и така со години, надевајќи се дека кога ЕУ ќе дојде сите проблеми ќе ни се решат со магично стапче – велат од Центарот за современи уметности.
Оттаму додаваат дека ако подлабоко се анализира ситуацијата во драмата на Бекет се наоѓаат и понатамошни сличности со состојбата со евроинтеграциите, бидејќи ликовите Владимир и Естрагон во одредени моменти воопшто и не се сигурни дали Годо им кажал дека ќе дојде, исто како што не се ни сигурни дали го чекаат на вистинското место.
– Еднакво на тоа и ние чекајќи го датумот за преговори и постојано исполнувајќи некакви нови и нови услови, веќе и не знаеме ниту што чекаме, дали и колку треба да чекаме и дали како и ликовите од драмата на Бекет треба да размислиме да се обесиме чекајќи и дали чекаме на вистинското место. Аналогијата на костурите всушност ја претставува аналогијата на вечното односно долгото чекање претставена во македонската урбана изрека „Чекајќи те костур се сторив” – објаснуваат авторите на необичната, но многу вистинита инсталација.
Ново на Сител
-
Православните верници го слават Богојавление - Водици
-
Учениците утре се враќаат на настава во второто полугодие од учебната 2024-2025
-
Доналд Tрамп планира патување во Кина по инаугурацијата
-
Вучиќ: Наскоро референдум или избори
-
Хамас: Поради технички причини, Израел се уште не добил список на заложници
-
Студено со негативни утрински температури
-
Анчелоти може да добие отказ ако Реал Мадрид не се пласира во осминафиналето од ЛШ
-
Поради магла намалена видливост до 100 метри во Кочани, Страцин, Битола и Плетвар