Интереплација на власта за членовите од Судски што ги избрало Собранието
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелации во Собранието за членовите на Судскиот совет што се избрани од парламентот, најави премиерот Мицкоски. Вели дека по неколку месечно истражување како работи Судски и кои се законските опции се решиле кадровските промени во судското тело да ги направат на овој начин.
„Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки. И цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции, на во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, тамо каде што се бираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Не велам дека е тоа неточно. Но, во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро. И тогаш имаме и други механизми и други алатки.“
И опозициската СДСМ се согласува дека се потребни реформи во правосудството. Но, наместо поддршка на интерпелациите, лидерот Филипче побара работна група во Собранието што ќе ги договори следните чекори во правосудсниот систем.
„Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта. СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чуствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери.
Претседателот на Судскиот совет Камбовски пак, вели дека разрешувањето на членовите треба да биде во законски рамки, но разбира и дека има незадоволство од работата на некои членови на телото.
Во поглед на разрешување на советот, единствено место каде е тоа предвидено е во Законот за судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој може да поднесе иницијативи. Сите во оваа држава работиме во согласност со Уставот и законите и немам причина да се сомневам дека Собранието и владата работат според тие принципи. Очигледно постои некое незадоволство кон одделни членови на Судскиот совет, меѓутоа, како што кажав, во оваа држава сите власти мора да делуваме согласно закон и Устав.
Иницијативата се однесува на петмина судии од Судскиот совет Дамева, Црвенковска, Адеми, Чочарова-Илиевски и Мустафа кои се избрани од претходниот собраниски состав. Се најавуваа промени и во Советот на обвинителите, но како што велат од Владата со реформите во правосудството ќе одат чекор по чекор.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар