Свет
18. July 2017 - 21:43

Ирачките власти во Мосул уапсиле германска тинејџерка припадничка на ИД

Ирачките власти соопштија дека во Мосул откриле и уапсиле група млади луѓе, за кои се верува дека се припадници на џихадистичката група Исламска држава (ИД), меѓу кои се наоѓа и една 16-годишна тинејџерка од Германија.

Таа била во групата од 20 странци кои ирачката војска ги открила скриени во еден тунел под Стариот град во Мосул.

Во соопштението се наведува дека кај оваа група било најдено оружје, како и елеци со експлозив за извршување самоубиствени бомбашки напади.

Во групата имало петмина државјани на Германија, тројца Руси и Турци и двајца Канаѓани.

Германската тинејџерка по апсењето била префрлена во болница, затоа што имала изгореници по телото.

Претставник на ирачките власти изјавил дека по откривањето на нејзиниот вистински идентитет, таа ќе им биде предадена на германските власти.

Обвинителство во Германија, во меѓувреме, покрена истрага за да утврди дали уапсената тинејџерка во Мосул е девојката од градот Пулсниц, која од минатото лето официјално се води како исчезната.

Весниците тврдат дека станува збир за млада девојка која побегнала од дома во Турција, од каде се префрлила прво во Сирија, а потоа во Ирак, по што ја сменила верата и преминала во ислам.

За германските власти таа била позната како симпатизер на ИД и на џихадистите и за неа било подготвено обвинение за учество во подготвување тероризам.

Според германските службени податоци, 930 германски државјани, од кои 20 отсто се жени, преминале во редовте на ИД.

Владата во Багдад прогласи победа во војната со џихадистите на ИД и ослободување на Мосул, вториот по големина ирачки град.

Девет месеци се водеа борби меѓу армијата и џихадистите, во кои се претпоставува дека има „илјадници цивилни жртви“ и над 900 илјади раселени лица.