Македонија
19. March 2024 - 16:33

Иста реакција од повеќе центри за социјална работа за тврдењето на техничкиот министер дека работеле незаконски

Организирани реакции со ист текст стигнаа од повеќе Меѓуопштински центри за социјална работа за тврдењето на техничкиот минитер дека имало злоупотреби со социјалната помош и пензија. Според неговите првични сознанија повеќе од 2200 лица незаконски со месеци добивале пари од министерството бидејќи имале возила на нивно име.

Во реакцијата Меѓуопштинските центри искажуваат незадоволство, изјавите на претпоставениот ги сметаат за непромислени политички игри и бараат извинување.

- За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо, стои во реакцијата од Центрите во Гостивар, Битола, Валандово, Пробиштип, Македонски Брод.

На ова веднаш стигна одговор од кабинетот на техничкиот министер од каде најавија дека оркестрираните напади нема да ги поколебаат јавноста да ја дознае вистината како незаконски се исплаќале пари. 

- На повидок излезе грубата партизација на министерството од изминатите министри. Од вчера сме сведоци и на притисоци кон вработени и инспектори да не се доставуваат податоци за откриените злоупотреби. Директорите на центрите за социјална работа, кои се поставени од претходните министри на СДСМ, откривањето на противправни исплати на социјална помош го преставуваат како навреда кон вработените, стои во реакцијата. 

Вчера Велковски излезе со сомнежи за милионски криминал во МТСП со исплатата на гарантираната минимална помош. Според него системот бил злоупотребуван од повеќе вработени и најави вонредни контроли за утврдување евентуална одговорност.