Македонија
1. јуни 2016 - 10:17

Иванов-Борисов: Потврдена бугарската поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја повторил позицијата на неговата земја за поддршка на Македонија за членств во ЕУ и НАТО. На средбата тие се согласиле за брзо завршување на преговорите за Договорот за добрососедство и соработка, соопшти кабинетот на Борисов. 

- Убедени сме дека иднината на сите држави во Западниот Балкан е во ЕУ. Ја потврдуваме подготвеноста и желбата за експертска помош за Република Македонија за одредени прашања поврзани со нашeто искуство за да се постигне суштински напредок на патот на земјата за членство во ЕУ и НАТО, посочил Борисов. 
 
Според соопштението од кабинетот на бугарскиот премиер, Борисов и Иванов се заложиле за брзо завршување на преговорите за Договорот за доборососедство и соработка, кој, како што се наведува, „ќе даде нов поттик во процесот на европската интеграција на Република Македонија“. 
 
 
 
Бугарскиот премиер на средбата, се наведува во соопштението, изразил загриженост за состојбата во Македонија и посочил дека исходот од ситуацијата може да дојде само со дијалог меѓу сите политички партии и суштествени реформи во интерес на сите граѓани и почитување на договореното.
 
Иванов и Борисов зборувале и за мигрантската криза, за Блискиот Исток и интеграцијата на Западниот Балкан.
 
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Софија ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува во рамки на бугарското претседателство и одбележувањето на дваесетгодишнината од иницијативата.