Македонија
2. јуни 2017 - 21:01

Иванов-Вујановиќ: Евроинтеграциите се клучни за напредок на регионот

Интегрирањето на Балканот во ЕУ и НАТО е клучно за напредокот на регионот, за мирот и стабилноста. Ова се заклучоците од денешната билатерална средба на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со неговиот црногорски колега Филип Вујановиќ во Брдо кај Крањ.

Во рамки на учеството на состанокот на лидерите на „Брдо- Бриони процесот“ што се одржува во Словенија, двајцата претседатели разменија мислење за актуелните случувања во Македонија и Црна Гора, како и за случувањата во регионот.

На средбата беа потврдени традиционално блиските и одлични политички односи меѓу двете држави и беше изразен интерес за продлабочување на билатералната соработка.

Претседателот Иванов упати честитики за успехот на Црна Гора со членството во НАТО, како и во поглед на интегративниот процес во ЕУ.

- Успесите на Црна Гора позитивно треба да влијаат на стабилноста во регионот и треба да биде инспирација за останатите аспиранти за членство во НАТО и ЕУ, истакна Иванов.

Во таа насока, македонскиот претседател посочи дека една од причините за појавата на ретроградни процеси во регионот е недоволниот ангажман на ЕУ и ја истакна потребата од деблокада на македонските евроинтеграции.

На средбата со Вујановиќ присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој исто така е дел од делегацијата на претседателот Иванов.

Вујановиќ нагласи дека одличната соработка во поглед на евроатлантските интеграции ќе продолжи и во иднина.

- Република Македонија предолго чека и треба да си го заземе заслуженото членство во НАТО и да го продолжи интегративниот пат во ЕУ, истакна Вујановиќ на средбата.

Во однос на мигрантската криза и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот и Европа, двајцата претседатели се согласија дека е неопходно проширување на соработката меѓу безбедносните и разузнавачките служби.