Измените на Кривичниот законик утре пред Уставен – Околу 800 лица досега се спасиле од одговорност
Оспорените измени на Кривичниот законик утре пред Уставен. Година и половина по поднесената иницијатива, судиите ќе одлучуваат дали намалените казни за злоупотреби на службената положба при јавни набавки се спротивни на владеењето на правото и еднаквоста која ја гарантира Уставот.
Подносителот на иницијативата Павле Трајанов вели дека реакцијата на Уставен е задоцнета, со оглед дека иницијативата е поднесена уште во септември 2023-та кога Кривичниот законик беше изменет по скратена постапка и со европско знаменце.
Очекувањата на Трајнов се Уставен да ги укине спорните измени на Кривичен, бидејќи нивното поништување што во пракса ќе значи преиспитување на сите досегашни пресуди во оваа фаза е невозможно. Проценките се дека до сега со овие измени од кривична одговорност се спасени околу 800 лица, чии дела или се застарени или изречени им се помали казни.
Измените на Кривичниот законик се и најголема критика во последните два извештаи на ЕУ. Министерството за правда веќе подготвува нови измени во кои не само што се предвидува враќање на осопорените членови, туку планирано е и зголемување на казните особено за злоупотреби при работењето. Измените ќе бидат преодно решение до носењето на целосно нов Кривичен законик усогласен со европските политики.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар