Свет
7. February 2017 - 15:31

Израелски суд нареди отстранување на дел од еверејските населби

Израелскиот Висок суд денеска нареди да се отстранат делови од еврејските населби изградени на приватнаа палестинска територија, неколку часа откако израелскиот Парламент го усвои законот со кој се легализираат куќите на еврејските доселеници на приватен имот на Палестинци на Западниот брег.

Судот заклучи дека 17 објекти во населбата Тапуах вест, на север од Западниот брег, во целост се наоѓаат на приватно земјиште и дека мораат да бидат отстранети до 22 јуни 2018 година, пренесуваат француските медиуми.

Меѓутоа, судот го прифати барањето на државата да и се даде повеќе време за да издаде дозволи за остатокот од населбата, што ја сочинуваат 18 објекти кренати на државно земјиште и четири што со еден дел се изградени на државна, а со друг дел на приватна територија.

Судската одлука е донесена само неколку часа откако израелскиот Парламент го усвои законот за ретроактивна легализација на околу 4.000 куќи на еврејски доселеници изградени на приватна сопственост на Палестинци, на окупираниот Западен брег.

За законот, чие најавување предизвика загриженост кај меѓународната заедница и гнев кај Палестинците, во  Кнесетот гласаа 60 пратеници, додека против беа 52, пренесоа британските медиуми.