Македонија
3. July 2018 - 19:48

Јавна расправа за проектот „Крива Паланка – источна порта кон Европа“

Граѓаните на Крива Паланка денеска дискутираа на јавна расправа за проектот „Крива Паланка – Источна порта кон Европа (Туристичка фестивалска атракција)“, во присуство на претставници од локалната самоуправа, архитекти и проектанти.

Проектот е аплициран од општината во рамки на вториот повик за проекти финансирани со средства на Европската Унија (ИПА 2), а е менаџиран од Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“.

Јавната расправа ги опфати сите аспекти на реализација на проектот, а покрај бројните стручни лица, присуствуваа и претставници на локалните институции, на колективни станбени згради, станари, сопственици на угостителски и услужни објекти.

- Проектот го аплициравме во април, во прва фаза, како решение со зголемена функционалност и намена на самиот простор, додека по одржани јавни расправи и подобрување на квалитетот, целиот проект ќе треба да се аплицира како комплетно архитектонско-идејно решение до 6 август, истакна Антонио Давитковски од Општина Крива Паланка.

Согласно намената на проектот и адаптација – уредување на просторот за туристички-фестивалски намени, архитектите проектрале четири простори-сегменти кои ќе бидат во функција на отворени сцени и локации за настап на разни видови уметници и артисти.

Се е изготвено согласно постојниот урбанистички план, на локација на потегот од основното училиште „Јоаким Крчовски“ до мостот на Крива Река кај Градски музеј.

- Внимававме при решението да не се наруши функционалноста и начинот на живеење на жителите во овој реон, бидејќи ова е јавен простор, притоа водејќи сметка да ја добиеме намената. Иста е главната сообраќајна комуникација, но ќе се постави нова подлога од природен материјал - камен на улицата, со што ќе се успори сообраќајот, но ќе се става и нова одводна атмосферска и фекална канализација. Ќе се задржат нивоата на влез на постојните објекти на самиот плоштад, со спуштање се до ниво на новиот плоштад, а вертикално кон кејот на реката ќе се изгради и нов амфитеатар со капацитет за 130 гледачи и сцена за културни манифестации, концерти и фестивали, истакнаа од проектантската куќа „Архинг“.

Ќе се уреди партерно целиот простор, со додавање нови зелени површини, со фонтани, мали мобилни содржини за презентација и во функција на туризмот.

- Со проектот и ќе се добијат поголем дел простори за паркинг, на повеќе локации во околината на поголемите објекти но и покрај пристапните улици, ќе се овозможи пристап до паркингот кај поштата од горниот крак на улицата, а целиот проект инвестициски е вреден околу еден милион евра, истакна градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Според него, станува вбор за многу функционално, модерно уредено архитектонско решение кое преку сугестиите и предлозите на сите граѓани  ќе биде нешто со што ќе се промени комплетно ликот на центарот во Крива Паланка.