Свет
8. February 2017 - 17:47

Јилдирим: Бунтовничките сили, поддржани од Турција, ги преземаа перифериите на Ал Баб

Бунтовничките сили, поддржани од Турција, ги зедоа под контрола перифериите на северниот сириски град Ал Баб, што беше презеден од џихадистите на Исламската држава, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим. 

- Сега градот е опколен од сите страни. Перифериите на градот се земени под контрола, посочи Јилдирим на прес-конференцијата во Анкара. 

Турската војска претходно денеска соопшти дека сириските бунтовнички сили, поддржани од Турција, презеле стратешки важна висорамнина покрај градот Ал Баб, при операциите спроведени во текот на ноќта. 

Во соопштението на вооружените сили на Турција стои дека 58 борци на ИД биле убиени при воздушни удари, бомбардирање и судири во рамките на операциите. 

Двајца турски војници се убиени, а 15 се повредени при судирите со борците на ИД, се наведува во соопштението. 

Сирската опсерваторија за човекови права соопшти дека шестмина цивили се убиени, а 12 се повредени ноќта при турските воздушни удари во регионот на Ал Баб.