Македонија
23. August 2022 - 12:37

ЈО: Истрагата за пропаѓањето на Еуростандард банка е во тек

Информациите за стечајот на „Еуростандард“ банка ги истражуваше и Обвинителството, но не била утврдена кривична одовороност, информира Јавното обвинителство. Велат дека наводите на приватната истрага објавени вчера, биле под лупа на неколкумина обвинители кои постапувале по кривични пријави, а прибраните докази не укажале дека некој од пријавените ја злоупотребил службената положба.

„Јавното обвинителство во врска со наводите и извештајот презентирани на вчерашната прес-конференција од неколку лица, меѓу кои и едно осомничено лице во врска со стечајот на „Еуростандард“ банка, нагласува дека согласно Законот за кривична постапка, Јавното обвинителство е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна постапка“, наведува Јавното обвинителство.

Од Обвинителството велат дека се уште трае истрагата за одговорноста на стечајот на банката со која се опфатени четири лица за кои постои сомнеж дека сториле кривични дела, перење пари и предизвикување стечај на банка.

„Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката“, дополнуваат од Обвинителството.

Во меѓувреме, се огласија и оштетените штедачи од „Еуростандард“. Го повикаа обвинителството да ја соопшти одлуката за истрагата која се водела повеќе од година и пол.

-Овој масовен организиран криминал, потврден и од приватна истрага на Трифун Костовски, како еден од осомничените за пропаѓањето на банката со сите свои нелегални активности, мора да има своја завршница, односно одговорност“, порачаа оштетените штедачи од „Еуростандард“ банка.