Јолевски побара поддршка од САД за интеграција на Македонија во НАТО

Република Македонија е нераскинливо поврзана со НАТО и има целосна поддршка од Соединетите Американски Држави на патот кон полноправно членство во Алијансата, заклучија министерот за одбрана Зоран Јолевски и заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Ји, на денешната средба во Министерството. На средбата министерот Јолевски побара поддршка од САД, како стратешки партнер, на претстојниот Самит на НАТО во Варшава.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Јолевски се фокусираше на досегашните развојни процеси и програми во Министерството и Армијата, кои, рече, докажуваат дека Македонија е подготвена за членство во НАТО. - Продолжуваме со реформите во одбраната, а започнува и процес на модернизација кој е исклучително важен за Армијата. Со модернизацијата АРМ ќе стане силна армија, гарант за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, а воедно ќе стане целосно интероперативна со армиите на останатите членки на НАТО. Со модернизацијата ќе бидат исполнети обврските од партнерските цели, кои се усогласени со НАТО, вели Јолевски.
Тој додаде дека се работи на постојано обучување и оспособување на припадниците на АРМ, со што се одржува и унапредува интероперативноста со партнерите од НАТО.
Хојт Ји посочи дека САД ги препознава добрите практики во процесот на реформи на Армијата и на одбраната и дека земјата дава целосна и континуирана поддршка за членството на Македонија во Алијансата. Тој изрази исклучително задоволство од билатералната соработка во областа на одбраната, која, рече, е пример за соработка меѓу две пријателски земји, кои се стратешки партнери.
Разговарајќи за мигрантската криза која го зафати континентот, министерот Јолевски го информираше соговорникот за ангажманот на Армијата на јужната граница. Притоа истакна дека е потребно Европската Унија, но и пошироката меѓународна заедница да усогласи сеопфатна стратегија за решение на конфликтот во Сирија и како да се справи со мигрантскиот бран.
Ново на Сител
-

Норвешка и Италија најуспешни на половина од ЗОИ 2026
-

Мицкоски на средба со извршниот директор на Американскиот еврејски комитет
-

Нов американски напад врз брод во Карипско Море, при што загинаа три лица
-

За шест часа собрани средствата за лекување на малата Ана
-

Најстудено во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
-

Посебен режим на сообраќај во Скопје поради Задушница
-

Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа што може да се случи
-

Денеска православните христијани го празнуваат Светиот маченик Трифун
