Јовески: До овој момент не е постигната спогодба за случајот „Рекет“
До овој момент конкретна спогодба со осомничените за случајот „Рекет“ не е постигната, ниту е влезено во посериозни договори околу спогодбата иако, како што изјави денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, некои од нив биле заинтересирани за тоа.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција утре ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“, потврди Јовески одговарајќи на новинарско прашање во Врховниот суд каде присуствуваше на завршниот настан по повод доделувањето на дипломите на шестата генерација кандидати во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители.
– Истрагата во првиот дел за „Рекет“ е при крај. Обвинителката Вилма Рускоска работи на донесување јавнообвинителска одлука. Колку што сум информиран во текот на утрешниот ден ќе следи обвинение за тој дел, изјави Јовески.
Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски (Боки 13) за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.
Јовановски и Јанева се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски е во домашен притвор.
Јовановски вчера требаше да даде исказ во Обвинителството, но му се слоши и со брза помош беше однесен во болница, а потоа вратен во притвор.
Исказ во Обвинителството нема да дава ниту Катица Јанева. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска за МИА потврди дека таа во оваа фаза нема да дава исказ, но ќе го задржи правото во однос на предлагање сведоци и докази понатаму во постапката.
Ново на Сител
-

СДСМ обвинува: Савески предложи обвинителка од „Тевтерчето“ на Мијалков
-

ВМРО-ДПМНЕ: ПР стратезите на Филипче му смислиле празен концепт за програма
-

Повредените со изгореници во „Пулс“ се лекуваат ласерски
-

Секој трет Македонец е гојазен
-

Откупната цена годинава на јагнето од 270 до 280 денари, сточарите бараа 300, си ги бараат и субвенциите за 2025 година
-

После 10 години Македонски шуми набави нова заштитна опрема за гасење пожари
-

Македонија ќе биде меѓу најпогодените од војната на Блискиот Исток, вели ЕБОР
-

Тема на денот со Раби Седрак, директор на институтот за меѓународни стратегиски и безбедносни студии

