Македонија
19. May 2020 - 19:35

Јунска сесија ќе има, факултетите сами ќе одлучат како ќе се одвива полаѓањето

Студентите нема да ја изгубат можноста за полагање во јуни, а знаењето ќе се проверува со физичко присуство на факултетите.

Се остава можност и за онлајн полагање од дома, но за таа можност ќе решаваат самите факултети. Денешната седница на ректорската управа со одлука и за продолжување на сесијата до 14-ти јули.

“Во пракса остануваат двата начина на полагање. Ќе се применуваат мерките од Владата за затворен простор, не повеќе од 30 лица на растојание од 1,5 метри.”

Една од ретките студентки на кои наидовме денеска во празните кампуси ни рече дека досега онлајн наставата се одвива без поголеми проблеми, но ги мачи неизвесноста околу јунската сесија.

“Се уште не знаеме како ќе се одвива сесијата, никој не не известува. Мислам дека треба да бидеме физички присутни на испитите, бидејќи секакви проблеми можат да настанат додека сме онлајн”

Слично како и јунската, продолжена е и септемвриската сесија која ќе трае од 17-ти август до 25-ти септември.