Македонија
20. March 2024 - 16:36

Како функционира Онкологија додека чека епилог од истрагата – многу пациенти, малку кадар

Само за два месеци 900 нови пациенти на Онкологија. Во јануари и февруари годинава чекалните во клиниката биле полни, што укажува дека рапидно расте бројот на болни од рак. Засега терапија има, но прашање е до кога бидејќи секојдневно низ дневната болница поминуваат над 200 за хемотерапија.

-Ова е секако доказ дека продолжува едно прогредиентно зголемување на малигните болести и за жал, најголем број од нив при првото појавување во нашата клиника соаѓаат или со локално напредната или метастатка болест. Од тоа може да изведеме еден заклучок дека примарната и секундарната заштита во државата ни затајува, вели д-р Виолета Клисаровска, директор на Клиника за Онкологија.

За надлежните да бидат во тек, директорката вели дека месечно на Министерството за здравство и на Фондот  им доставува извештај за бројот на пациенти и потребите за повеќе пари за терапија.

И додека бројот на пациенти расте, и по седум месеци од избивање на скандалот на Онкологија, се уште нема разрешница ниту пак подобри услови за пациентите. По крикот на болните, тажните сведоштва и индициите за злоупотреби, во јануари Обвинителството отвори истрага против поранешниот директор Нино Васев, екс организацискиот директор и уште тројца лекари за помагање. Но се уште траат дејствијата што ги преземаат обвинителите.  

-По наредба на јавен обвинител, Фондот за здравствено осигурување изврши вонреден надзор врз работата на Клиниката извештајот е доставен до обвинителството и се разгледува. Се преземаат и други дејствија, ни одговорија од ЈОРМ.

А додека трае истрагата, клиниката мака мачи и со недостигот на кадар за кој велат дека веќе алармантно се рефлектира и врз нивната работа. Не само што им фалат вработени од сите профили, проблем е и заминувањето на стручните лица.

-Тоа е обучен кадар кој со години извршувал голем број обврски и наеднаш го губите. Значи итно се потребни нови вработувања. Само за два месеци од клиниката заминаа 5 лица – 3 рендген технолози, еден медицински физичар и една медицинска сестра, вели Клисаровска.

На работа веќе втор месец не оди и Нино Васев за кој обвинителството побара да биде оддалечен од работното место по отворањето на истражната постапка.  

Нема ништо и од најавите за децентрализација на онколошки центри во клиничките болници па сите патишта водат кон Онкологија.