Како Ива Михаилова успеа да избега од државата - опозициските партии бараат оставки
Опозициските партии бараат оставки и одговори како Ива Михајлова успеа да избега од државата. СДСМ обвинува дека бегството на Михајлова е однапред договорено, а оставките треба да почнат од министерот Тошковски, па до сите кои знаеле и дозволиле таа да ја напушти државата.
„Овој скандал бара итно институционално итно расчистување, но и политичка одговорност. Сега гледаме дека коњопојот на Мицкоски во Софија баш и не бил обичен коњопој. Неговиот досегашен молк само потврдува дека ги штити сите оние што се вклучени во оваа афера. Меѓутоа, институционална разрешница мора да има. Синџирот на постапување и синџирот на одговорност мора да излезат на виделина. Панче Тошковски мора веднаш да си поднесе оставка, затоа што целата граница на нашата држава е под негова надлежност. Целиот овој скандал и целиот овој случај не може да се сведат на повикување амбасадори на дипломатски разговори, ниту, пак, сега, дури допрва, да се најавуваат разни потерници.“, вели Андреј Жерновски, СДСМ
Итни оставки од министрите за внатрешни, надворешни работи и правда бараат од Платформата 12.05.
Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е должна веднаш да одговори дали на средбата Муцунски-Чамова во Софија е договорено бегството на Ива Михајлова, кое во Македонија ќе биде иницијална каписла за предвремени парламентарни избори, после кои техничката Влада задолжена за нивното организирање ќе влезе во процес на уставни измени? Доколку Владата го демантира претходното, тогаш веднаш да признае и прогласи целосна институционална неспособност и да побара помош од меѓународни стратешки партнери, додека се уште не сме го загрозиле безвизниот режим со ЕУ и не сме го вклучиле алармот на НАТО Алијансата заради неодговорно управување со државните граници. Конечно, ја повикуваме Европската Комисија да побара од официјална Софија да престане со провокациите од највисоко политичко-државно ниво и да побара Ива Михајлова без одлагање да биде предадена на македонските правосудни органи. Во спротивно, заради ваквите настани, понижувања, режирање жртви на непостоечка дискриминација врз бугарски државјани, во Македонија расте внатрешниот притисок за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедски односи, стои во нивното соопштение.
Имаме ли сѐ уште моќ да го спречиме ова пропаѓање, прашуваат и од ЛДП. Веруваме дека во народот постои огромен бес, кој заедно наскоро ќе мора да го изразиме и да му ставиме крај на ова секојдневно државно тонење, стои во реакцијата во која од партијата бараат одговорност за скандалот. Дали зад затворени врати се договарало замижување пред бегството на Михаилова во замена за бугарско попуштање околу ветото, прашаа вчера и од Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак кусо одговорија дека сите прашања за овој случај треба да се побараат од надлежните институтции.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
