Македонија
5. November 2015 - 14:59

Канческа-Милевска се обрати на 38. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО

Во рамки на работната посета на Франција, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се обрати на 38. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, што од 3 до 18 ноември се одржува во француската метропола.

Канческа-Милевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО и шеф на македонската делегација, пред присутните нагласи дека Владата на Република Македонија обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и настојува да воспостави активна и конструктивна соработка со другите држави-членки на УНЕСКО. 

- Сите проекти кои досега ги реализиравме со УНЕСКО дадоа силен импулс во афирмацијата на универзалните вредности на Република Македонија и отворија можности во програмите и иницијативите на УНЕСКО масовно и активно да се вклучат институциите, експертите и младите потенцијали од нашата држава, подвлече министерката за култура. 

Таа информираше и за позначајните активности кои изминатиот период се реализираа заедно со УНЕСКО, меѓу кои се отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство, прогласувањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје како Центар на УНЕСКО од втора категорија. Потсети на отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и Школата за медиуми, основањето на повеќе клубови на УНЕСКО, вклучувањето на неколку училишта од Македонија во мрежата на УНЕСКО на „Здружени училишта“, како и впишувањето на две културни добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

Одржувањето на 38-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО годинава е во знакот на одбележувањето на големиот јубилеј - 70 години од востановувањето на оваа еминентна организација на Обединетите нации.

Канческа-Милевска пред присутните го истакна и придонесот на Република Македонија како членка во Извршниот одбор на УНЕСКО, која во изминативе четири години доследно се залагаше за зајакнување на меѓународната улога на УНЕСКО, унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки, ефикасност во работата и стимулирање на интелектуалниот и на материјалниот потенцијал со кој располага оваа организација. 

- Владата на Република Македонија беше и е целосно посветена на процесот на меѓуцивилизацискиот дијалог, приближување на различните култури преку остварување заемна соработка и комуникација за кои се залага и УНЕСКО. Во оваа насока, почнувајќи од 2007 година досега, во соработка со УНЕСКО, организиравме три светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на кои низ особено плодна дискусија и преку размена на искуства и сознанија, претставниците на сите светски религии, експертите, еминентните членови на меѓународните организации уште еднаш го потврдија фактот дека културата и религијата се најмонолитните фактори на мирот, соживотот, просперитетот и благосостојбата. Македонија, следната 2016 година ќе биде домаќин и на 4-та конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог,  истакна Канческа-Милевска. 

Министерката за култура Канческа-Милевска предвидено е утре да оствари официјална средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, на која ќе се разговара за досегашната соработка и за идните активности меѓу Република Македонија и УНЕСКО.