Македонија
18. July 2016 - 19:46

Кардиологија, Детска болница Козле и Детската клиника добија сертификати за акредитација

Клиниките за кардиологија, детски болести и болницата во Козле се првите три јавни здравствени установи кои добија сертифкати за акредитација од надлежната агенција. Тие изминатиот период успешно го поминаа процесот за надворешно оценување на сите сегменти од нивната работа. Со имплементирање на меѓународните стандарди , бенефит имаат и пациентите и вработените, но и здравствениот систем.
 
- Стандардизирањето на квалитет значи дека во се се почитуваат определени протоколи за работа, со кои се намалува можноста за грешка, за интерхоспитални инфекции, а се зголемува ефикасноста и ефективноста на персоналот, во правец на намалување на болнички денови, а со тоа и порационално користење на буџетите од јавните здравствени установи, изјави Никола Тодоров,  вицепремиер и министер за здравство.
 
Агенцијата за квалитет и акредитација на јавните здравствени установи оценувањето го врши по стандарди од најразвиените земји.
 
- Болниците и здравствените служби се витални компоненти на секое добро организирано и хумано општество и затоа здравствениот сектор е тој кој секогаш има приоритет при распределбата на ресурсите. Должност на Владата е да  ја поддржува и континуираната едукација за обезбедување квалитет на сите нивоа, истакна Емил Димитриев, претседател на Владата на Р. М
 
- Тоа е поттик за сите болници да продолжат да работат и понатаму, изјави проф. д-р Елизабета Зисовска, директор на Агенцијата за квалитет и акредитација на јавните здравствени установи.
 
Идната недела Агенцијата за акредитација на јавните здравствени установи која е формирана од Владата ќе одбележи две години од почетокот на работењето.