Киев повторно цел на ракетен напад, Трамп тврди дека мирот е близу

Најмалку шест лица се повредени во руски ракетен напад врз Киев во текот на ноќта, а оштетена е и сообраќајната инфраструктура, додека американскиот претседател Доналд Трамп по разговорите на американскиот пратеник Стив Виткоф со рускиот претседател Владимир Путин тврди дека крајот на војната никогаш не бил поблиску.
Украинската војска во текот на ноќта издаде предупредување за балистички ракети од правец на источна Русија. Руските власти соопштија дека во текот на ноќта пресретнале дронови, од кои околу 160 се движеле кон Москва.
Нападите следуваа по средбата меѓу Виткоф и Путин во Санкт Петербург, еден ден по разговорите во Осло со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски повика на прекин на борбите на постојните позиции како прв чекор кон преговорите.
Дипломатскиот советник на Кремљ, Јуриј Ушаков, по тричасовниот состанок изјави дека Москва е подготвена да ги продолжи трилатералните преговори со Киев и Вашингтон, но не веднаш, туку „околу 10 ноември“. Преговорите, според Москва, би требало да продолжат по американските меѓуизбори, додека борбите дотогаш продолжуваат.
Зеленски поддржува таков состанок, но рече дека сака тој да се одржи „што е можно поскоро“.
– Дневниот ред е јасен: да се заврши војната, да се унапреди мирот и (…) сè да се подготви за состанок на ниво на лидери – рече тој.
Трамп вчера повтори дека расплетот на војната е блиску.
– Неодамна разговарав со Владимир Путин за завршување на неговата војна со Украина и мислам дека сме сè поблиску до тоа. Можеби никогаш не сме биле толку блиску – рече тој.
Путин, кој ја почна офанзивата врз Украина во февруари 2022 година, одбива директна средба со Зеленски и сака да го заземе преостанатиот дел од источна Украина. Ушаков рече дека предлозите на Киев и европските лидери изнесени во Осло „не содржеле речиси ништо“.
Виткоф му се заблагодари на Путин за ослободувањето на американскиот државјанин Стивен Хабард, чие пуштање од руски притвор беше објавено вчера.
– И вие самите сте хуманист, господине. И тоа го поздравувам – рече Виткоф, предизвикувајќи критики кај бројни американски парламентарци, вклучително и републиканци.
Американскиот пратеник на X објави дека разговорите биле конструктивни и дека ќе продолжат во рамките на трилатералните преговори, но оти „треба да се заврши уште многу работа“.
Преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа и во 2025 година без конкретни чекори, а беа прекинати по избувнувањето на војната на Блискиот Исток што ја почнаа Вашингтон и Израел.
Ушаков ја спомена и можноста за средба меѓу Путин, Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг во ноември во Шенжен, на маргините на самитот на АПЕК.
Во интервју за „Фокс њуз“, Зеленски повика на замрзнување на линијата на фронтот како прв чекор во преговорите. Москва таков предлог одбива и бара договор за клучните прашања пред прекин на борбите, вклучително и повлекување на украинската војска од подрачјето на Доњецкиот регион кое сè уште го контролира. Киев тоа барање го смета за неприфатливо.
МИА
Ново на Сител
-

Kривична пријава за двајца вработени во Брзата помош во Тетово – не испратиле екипа за повредено лице
-

Сведоци на одбраната: Полицијата била пред дискотеката и помагала по пожарот во „Пулс“
-

Скопје ќе се украси до 15 декември – елка од 13 метри и новогодишни декорации за околу 73.000 евра
-

Македонските „Тигри“ меѓу десетте најдобри на меѓународен снајперски натпревар во Турција | ФОТО
-

ЕУ отвори истрага против Booking.com поради лажни огласи и измами – се заканува казна до 6% од глобалниот промет
-

Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ
-

„Џејмс Бонд“ оди на аукција
-

На бегалката Ива Михаилова ќе ѝ се суди во отсуство
