Свет
29. September 2015 - 8:57

Кина најави учество со 8.000 нови војници во мировните сили на ОН

Кинескиот претседател Кси Џинпинг изјави пред Генералното собрание на ОН дека Кина ќе даде 8.000 војници во мировните сили на ОН со што ќе стане најголем учесник во мировните мисии, за кои над 50 држави најавија 30.000 нови војници и полицајци.

Најавата на Кси доаѓа во време кога Пекинг сака да покаже дека е одговорен меѓународен играч бидејќи се зголемува загриженоста поради јакнењето на кинеската воена моќ и нејзините територијални спорови во Азија и Пацификот.

За време на посетата на САД Кси Џинпинг и американскиот претседател Барак Обама постигнаа договор двете држави да го зголемат придонесот во мировните сили.

Обама вчера претседаваше со самитот на ОН и изјави дека над 50 држави најавиле вкупно 30.000 нови војници и полицајци, односно опрема и обука за мировните сили.

- Кина ќе се придружи на новите сили за брзо дејствување на ОН, изјави Кси и најави 8.000 војници.

Засега Кина учествува со 3.000 свои војници во мировните сили од 106.500 војници, полицајци и советници, а најголем е кинескиот контингент во Јужен Судан.

Кина ќе обезбеди и 100 милиони долари воена помош за Африканската унија во следните пет години за зајакнување на африканските мировни сили за одговор во кризни случаи, најави кинескиот претседател.

Кси во своето обраќање пред ОН настојуваше за намалување на загриженоста дека кинеското воено јакнење значи и закана.

- Посветени сме на мирен развој. Без оглед како ќе се развива меѓународната сцена и без оглед колку моќна Кина може да стане, Кина никогаш нема да шири хегемонија или сфера на влијание, истакна Кси Џинпинг. 

Ново на Сител