Македонија
21. September 2024 - 16:35

Ќе има ли реално поевтинување на основните производи со ограничените маржи?

Маркетите и пазарите полни, торбите полупразни, а паричниците празни - вака граѓаните го коментираат саботното пазарење. Сите се согласни дека има поскапувања, ама не сите очекуваат реална помош од есенската кошничка. Дел од потрошувачите се песимисти дека намалените маржи може да донесат поевтинување. Велат зеленчукот е толку скап, што не ни помислуваат да прават зимница, а месо можат да си дозволат еднаш неделно.

Но има и оптимисти кои се надеваат на некој денар поевтинување.

Владата на вчерашната седница ја ограничи маржата до 10% на 73 производи кои граѓаните најчесто ги купуваат.

Во есенската кошничка има леб, пекарски и млечни производи, месо, овошје, зеленчук, ориз, грав, тестенини...

Трговците ќе имаат обврска да ги набавуваат и продаваат овие производи во месечни количини од најмалку 70 отсто од набавените количини во август. Исто така, производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците и фрижидерите мора јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Одлуката ќе биде на сила ден по објавувањето во Службен весник, а ќе се применува до 31 октомври.

СДСМ и денеска критикува. Оттаму велат мерките се задоцнети и немаат реален ефект.

„Власта под притисок на јавноста мачка очи а резултатот ќе биде никаков. Наместо економска политика гледаме калкулантска политика на Владата на Мицкоски и тотална негрижа за стандардот на граѓаните.“

Премиерот, пак, ги потсети дека кога беа на власт го зголемија ДДВ-то на над илјада прехранбени продукти.

„Нашата цел како Влада што се грижи за граѓаните е производите кои се најупотребувани да бидат опфатени со оваа мерка. Нормално, ние немаме намера да ја ограничуваме маржата на перки од китови или кавијар не знам каков којшто доаѓа од не знам каде, бидејќи мал е бројот на граѓани кои тоа го користат. Тие, претпоставувам, се од редовите на СДСМ и ДУИ, но сите останати се борат како да го поминат месецот од први до први и ние се фокусираме на тој тип производи“ – Христијан Мицкоски, премиер

Според најавите, по примерот на есенската кошница, ќе се прави и новогодишна, божиќна, рамазанска и велигденска кошница со ограничено времетрање кога вообичено поскапуваат основните прехранбени продукти, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.