Македонија
7. September 2024 - 16:36

Ќе обезбеди ли власта мнозинство за да спречи предвремени локални избори

Да нема предвремени локални избори за градоначланици, туку в.д. градоначалниците во Аеродром, Гостивар и Сарај да го истераат мандатот до редовните во октомври до година. Владејачкото мнозинство ги поднесе предлог измените на законот за локална самоуправа по скратена постапка откако со парламентарните избори Муцунски и Таравари од Аеродром и Гостивар станаа министри во владата на Мицкоски, а Блерим Беџети од градоначланик на ДУИ во Сарај од ДУИ стана пратеник.

 „ Имајќи во предвид дека до распишувањето на нови редовни локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од најдобриот интерес на граѓанинот, начелото на економичност и економска состојба во државата, со предложените законски решенија ќе се постигне целта заради која е предложен овој предлог закон“, се вели во предложените измени на Законот.

Но, за да поминат измените, власта ќе мора да обезбеди 2/3 мнозинство и Бадентер односно да убеди пратеници од опозицијата и тоа од ДУИ. Неофицијално товорен е политички дијалог, но засега потврда дека ќе поминат измените нема.

Од опозициските СДСМ и ДУИ денеска не одговорија дали би дале поддршка на временото решение.

Ако ВМРО-ДПМНЕ и Вреди не ја убедат ДУИ да го поддржи законот, тогаш според актуелниот закон, во Аеродром, Сарај и во Гостивар до крајот на годината ќе треба да се одржат вонредни избори за избор на градоначалници.

Власта најавуваше усвојување на измените на Законот за локална уште пред формирањето на новата влада, но предлог измените се доставени речиси три месеци по нејзиното формирање. Предлагачи на законот се координаторите на пратеничките групи на Вреди, ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ, Халил Снопче, Никола Мицевски и Горан Карапејовски.