Македонија
7. March 2017 - 14:38

Ќе се менуваат азбестно-цементни цевки во Крива Паланка

Со средства од Европска банка за обнова и развој ќе се врши замена на азбестно-цементните цевки на подрачјето на општина Крива Паланка. 
-Станува збор за замена на 2,8 километри водоводна мрежа од азбестни цевки, Пректот е насловен „Реконструкција на градската водоводна мрежа“ кој веќе е  одобрен, тендерската постапка ќе отпочне во Министерството за транспорт и врски преку кое аплициравме, информира градоначалникотна Крива Паланка, Арсенчо Алексовски. 
 
Проектот, рече тој, ќе придонесе и за подобра состојба во водоводниот систем на подрачјето на општината бидејќи, како што истакна, поради дотраеноста на постојните цевки доаѓа и до одредени загуби на вода. 
 
-Со овој проект ќе се надоплни реконструкцијата на водоводниот систем во градот, а очекувам тоа да се реализира до крајот на летото. Како градоначалник сум многу задоволен, ова  е втор клучен проект кој ќе се реализира во општината во водоснабдителниот систем, покрај првиот кој финишира, „Водоснабдување висока зона -лев брег“. Со ова конечно ќе биде симнато од дневен ред прашањето за замена на азбестни цевки во нашата општина , додаде Алексовски. 
 
Двата проекти се реализираат преку Министерството за транспорт и врски со Европската банка за обнова и развој.  Проектот „Водоснабдување на лев брег, Крива Паланка – висока зона“ се реализираше со финансии од 23 милиони денари.