Македонија
21. September 2015 - 14:06

Ќе се продлабочува 20-годишната соработка меѓу АРМ и НГ на Вермонт

Продлабочување на досегашната исклучително плодна и продуктивна соработка, била тема на денешната средба на началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и командантот на националната гарда на сојузната америкснака држава Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, кој престојува во тридневна официјална посета на Македонија.

Началникот на ГШ на АРМ Величковски на денешната прес-конференција изрази уверување дека за време на неговата претстојна посета заедно со министерот за одбрана Зорна Јолевски на САД, во рамки на одбележвуањето на 20 години од воспоставувањето соработка со НГ на  Вермонт, ќе се отвори можност да се детерминираат односно да се прецизираат прашања кои се почнати за време на оваа посета на АРМ од страна на воената делегација на НГ на Вермонт.

- Дваесет години во кои можеме да се пофалиме со многу резултати во заедничката обука и разните форми на соработка, а беше крунисано во 2010 година со заендичко учество во една од поризичните мисии „Феникс“ во Авганистан, каде што  практично го докажавме пријателството и соработката и тоа не на парада, туку во копнкиретна мисија станаа војници браќа  по оружје, изјави генерал-потполковник Величковски.

Командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, потсетувајќи дека двете армии заеднички распоредувале сили, заедно се развивале подофицери и офицери и заеднички е работено на задачи при изведување операции како подготовка за справување со катастрофи на домашен терен, потенцира дека ова трајно партнерство е изградено на столбот на пријателство и повеќе од 20 години ја унапредува меѓусебната соработка што резултира со успешни вежби и операции.

-  На овој однос се наградуваме и надоврзуваме многу нови идни можности. Заедно сме посветени на трилатералната спогодба со Сенегал и многу можности претстојат на нашето партнерство. Но пред се ги ценам меѓусебните професионални односи и лични пријателства, изјави генерал-мајор Стивен Креј.

За време на посетата, генералот Креј, како што е најавено, ќе има средба со министерот за одбрана Зоран Јолевски. Планирано е да ја посети Здружената оперативна команда на АРМ и да оствари средба со Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија.

Покрај унапредувањето на натамошната соработка, целта на посетата на командантот на НГ на Вермонт, како што истакнуваат од Министерството за одбрана, е размена на искуства од научените лекции во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН, учеството на АРМ во мисијата на НАТО во Авганистан „Одлучна поддршка“ и разгледување на можностите за реализација на различни форми на индивидуална и заедничка обука.

НГ на Вермонт е партнер на АРМ со кој се реализираат активности за соработка со Армијата на САД, координирани преку воената контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии. Оваа програма се реализира преку различни форми на обука, како што се семинари кои се реализираат во Република Македонија и во САД, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, како и изведување заеднички вежби. Воената контакт програма и соработката со НГ на Вермонт, на АРМ во голема мерка и го олесна достигнувањето на стандардите на НАТО во повеќе области.