Македонија
23. јуни 2016 - 15:53

Ќе се реконструира спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“

Општина Кисела Вода и УНДП заеднички ќе инвестираат во мерки за енергетска ефикасност на локално ниво, а кое ќе опфати реконструкција на спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“. 

Како што информираат од Општината, кровот на оваа сала ќе биде заменет со нов, а енергетски ќе бидат обновени и надворешните ѕидови и фасадната столарија. Со ова, како што наведуваат во соопштението, учениците од ООУ „Невена Георгиева Дуња, освен што наставата ќе ја следат во ново училиште, чија изградба е во тек, и часовите по физичко воспитување ќе ги одржуваат во современи услови.

Oвa е  четврт заеднички проект на општина Кисела Вода и УНДП.  Во изминатиот период како резултат на заедничката соработка во ПОУ “Кузман Јосифовски Питу” беше заменет системот за греење со енергетски ефикасен, а беше променет и кровот, фасадата  и надворешната столарија. Во градинките Пеперутка 1 и Пеперутка 2  во населбата Драчево беше заменет котелот за греење со котел кој загрева со биомаса, a во ООУ “Круме Кепески” целосно беше променета кровната конструкција на објектот. Во соработка со УНДП преку мерката општинско-корисна работа, општина Кисела Вода обучи и ангажираше дефектолози, логопеди и негуватели во основните училишта и јавните детски градинки.