Македонија
26. February 2024 - 19:45

Ќе се реши ли маката на илјадници граѓани кои немаат автобус од еден до друг град?

Илјадници граѓани со години се отсечени од еден до друг град оти немаат автобуси. Во 15-тина општини, главно од истокот, нема интерес од ниедна фирма да отвори автобуска станица бидејќи нема голема фреквенција на патници и не им е исплатливо. Од тие причини, речиси 115 илјади граѓани имаат проблем во секојдневното функционирање. Најпогодени се возрасните кои имаат потреба често да одат на лекарски прегледи, а не може да возат.

Од Делчево до Скопје има само 150 километри, но ако делчевчанец нема свој автомобил, треба издвои околу 100 евра за такси за двата правци.

Жител од Македонска Каменица, пак, за да стигне до Кочани со такси, каде му е првата автобуска станица, треба да плати 800 денари.

Иако маките на овие граѓани траат со години, ќе се решаваат сега пред избори и тоа со со мала измена на законот за патен сообраќај. Со тоа превозниците ќе може да добијат дозвола за меѓуопштински линии без притоа градот за има категоризирана автобуска станица.

Во општините кои немаат категоризирани автобуски станици, тоа се: Виница, Берово, Делчево, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Кратово, Македонска Каменица, Пехчево, Македонски Брод, Ресен, Ростуше, Дојран, Центар Жупа. Во овие општини сега за сега, заинтересираните превозници кои поседуваат лиценца за вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници не можат да аплицираат за нов возен ред кон Град Скопје или кон било која друга општина.“ – Лидија Тасевска, СДСМ

„Тоа што нема јавен превоз во овие општини, само го стимулира незаконскиот превоз односно „дивиот превоз на патници“ во форма на „диви таксисти“, кои не плаќаат никаков данок на државата и сериозно ја загрозуваат безбедноста во патниот сообраќај“, пишува меѓудругото во предлогот.

На него потпишани се 16 пратеници од власта, а потребата да се направат овие измени во скратена постапка ја поддржаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлог-измените треба да ги поминат комисиските филтри и потоа да бидат изгласани. Очекувањата се дека тоа ќе се случи на време, за превозниците да можат да аплицираат на конкурсот во мај.

Во меѓувреме, државна статистика покажува континуиран пад на бројот на превезени патници со меѓуградски автобус. Па така, ако во 2015-та се возеле над 7 илјади граѓани, во 2022 оваа бројка се преполовила на околу 3 илјади. Слични се и бројките за лани кога биле превезени околу 3.200 патници.