Македонија
24. August 2024 - 16:30

Ќе сториме се како влада за платите да растат, но и да имаат вредност, кажа Мицкоски

Владата ќе се залага за пораст на платите, но истовремено тие да имаат вредност, односно да нема зголемување на цените, вели премиерот Мицкоски. Според него, важно е граѓаните да не се соочуваат со намалување на куповната моќ.

Платите мора да растат и мора да имаат вредност т.е. да бидам попрецизен ние ќе сториме се како Влада платите да растат, но и да нема инфлација. Тоа што ќе можете да го купите со вашата плата оваа година, истото да можете да го купите следната година истиот месец. Ова е нашата цел“ – Христијан Мицкоски, премиер

Од СДСМ, пак, велат дека власта не го исполнила предизборното ветување.

Иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше поголеми плати пред изборите на работниците сега станува јасно дека нема да го исполни ветувањето. Со оваа власт нема да има поголеми плати. СДСМ со години реализираше успешен социјален дијалог, ги почитуваше и синдикатите и работниците а платите ги зголемивме во сите сектори. ВМРО-ДПМНЕ сега ја враќа политиката на злоупотреба од 2015 година.  Работниците да бидат предмет на корупција а синдикатите предмет на оцрнување“, пишуваат од СДСМ.

Мицкоски им одговори дека манипулираат со граѓаните. Тој вели оти Владата си има своја програма која добила поддршка од граѓаните.

Тоа што е дел од програмата која што беше победничка и доби близу 450 илјади гласа е за нас документ врз основа на кој ние ги градиме нашите политики. СДСМ покрај тоа што најмногу крадеа сега ќе можат се помалку да крадат и за жал сега многу лажат “ – Христијан Мицкоски, премиер

Минималната плата порасна во март и сега изнесува 22.500 денари.

Синдикалната кошница, пак, за четиричлено семејство за август тежи 61.199 денари.

Тоа значи дека на семејство каде двајцата родители се на минималец, ќе му недостигаат над 16 илјади за да го преживеат месецот.